Скулптура на сирена со раскошни пропорции, поставена на плоштад во рибарското градче Апулиа, јужна Италија, предизвика збунетост кај локалното население поради провокативноста, пренесува „Гардијан“.
Скулптурата е изработена од учениците во локалното уметничко училиште, „Луиџи Росо“, пред да се постави на плоштад во Апулиа.
Скулптурата, која допрва треба да биде официјално откриена, стана мета на потсмев на социјалните мрежи, откако фотографии од инсталацијата, станаа популарни меѓу локалното население.
„Личи како статуата да има силиконски гради и огромен задник кој не е соодветен за сирени“, гласел еден од коментарите на социјалните мрежи.
Адолфо Марсијано, професорот во уметничкото училиште, застанал во одбрана на скулптурата, велејќи дека делото оддава почит на жените со облини. Тој објаснил дека учениците ја изработиле скулптурата по барање на градоначалникот да се изработат неколку скулптури за градот, кои вклучуваат и морски теми.
„Учениците сами одлучија да изработат сирена. На советот му беше покажан моделот на скулптурата и според нив беше добар за да биде реализиран, а потоа и поставен на еден од плоштадите“, додал тој.
Марсијано посочил дека не ја осудува инспирацијата на учениците, туку дека гледа на скулптурата како на реална претстава за тоа како изгледаат женските тела“.
Бепе, жител на Пуља, изјавил дека скулптурата која ќе биде покриена сѐ до официјалното откривање, предизвикала голема дискусија меѓу локалците поради „провокативноста“.
„Навистина е срамота, учениците треба да бидат пофалени, а не критикувани“, истакнал тој.
Учениците истовремено работеле и на скулптура посветена на жртвите од работни несреќи, која ќе биде откриена на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот.
„Тоа е многу поважно од сирената“, посочил професорот Марсијано.