Во понеделник (13 ноември) од 18 часот во КСП Центар – Јадро во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба на Јасмина Главинче насловена „Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи“.
„Водена од прашањата: Дали и како личната трансформација може да влијае врз будење и на колективното несвесно? Дали уметноста и уметничките процеси на креација може да ги употреби како алатка за колективно поврзување и делување, взаемна соработка која би претставувала основа за подобрување на условите и во поширока микро-општествена рамка?, авторката преку „будно“ себенабљудување и петмесечна мисловна, психолошка и творечка експлорација ги истражува процесите на лична трансформација. Нурнува подлабоко во својата потсвест и соочувајќи се со своите лични ставови и стравови свесно се труди да (си) ги измени вкоренетите наративи, мисловни текови, шеми на однесување, да се соочи и да ја прифати својата ранливост“, вели авторката во најавата за изложбата.
„Во процесот на оваа петмесечна саморазгледувачка одисеја беа вклучени седум учесници кои преку споделување на своите спомен-предмети и лични искуства, а со тоа истражувајќи ја сопствената внатрешна динамика преку взаемна почит и соработка, заедно свесно стравовите и личната ранливост, ги заменуваа со нови освежувачки погледи и ги будеа своите сопствени потенцијали. Преку физичка преобразба, спомен-предметите (меморабилии) од своевидни психолошки тотеми добија условен уметнички лик и станаа симболи на процесите и поимите на лична трансформација“, се додава во најавата.
Јасмина Главинче (Охрид, 1981) во 2005 година дипломира на катедрата за Историја на уметност и археологија, а во 2019 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности – отсек вајарство со насока графички дизајн во класата на професорот Ибрахим Беди. Нејзиното творештво е искрено проширување на мислите и чувствата, материјализација на сопствената, потентна креативна енергија. Круцијални теми во нејзините истражувања се: психологијата на човекот, односот човек-природа т.е. социо-еколошкиот аспект кој според неа е срцевина на позитивни промени на индивидуално и општествено ниво; своевидна реинвенција на нашата соработка со природата. Во создавањето на своите дела свесно „позајмува“ најразлични материјали создадени од природата, за која смета дека е архетип на мајка, парадигма на животот и уметноста. Репрезентирајќи ги преку сопствената уметност, таа се труди да го возобнови чувството на нашата поврзаност со нив, да потсети и да ја приближи грандиозноста на природните феномени до човекот. Во својата уметничка пракса често „реинкарнира“ материјали и предмети изработени од човекот кои ја изгубиле својата примарна функција.
Изложбата ќе биде отворена до 19 ноември.