Според заклучните согледувања на Комитетот за човекови права на Обединетите нации Македонија назадува во остварувањата и заштитата на човековите права, информираа денеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Комитетот за човекови права на Обединетите нации забележал најголем дел од проблемите со кои се соочуваат граѓаните, но и мигрантите и азилантите, во практикувањето на правата и слободите гарантирани со Уставот и меѓународните документи, особено со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права.
Комитетот посочува на ограничување на основни слободи и права и нивна неефикасна заштита, особено во делот на слободата на изразување и собирање, прекумерна употреба на сила од страна на полицијата на протестите од 5 мај, масовно следење на комуникации со што се повредува правото на приватност, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет; процедуралните пречки за доброволен прекин на бременоста; негирање излез на Ромите од земјата; условите на мигрантите и барателите на азил.
Според Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет постои голема загриженост за ограничувањата на слободата на изразување во државата, поради нерамномерната распределба на финансиски средства во медиумите од страна на Владата, отсуството на независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, како и поради преслушувањето на новинари, нивно притворање (случајот Кежаровски), вознемирување и употреба на сила врз новинарите.
Во оваа насока, Комитетот препорачува дека треба да се обезбедат сите услови за практикување на слободата на изразување и на новинарите да им биде овозможена заштита од вознемирување, закани и насилство.
Од аспект на слободата на изразување, но и на повреда на правото на приватност, Комитетот го посочува масовното прислушување и препорачува да се преземат итни мерки кои ќе обезбедат сигурност дека секое мешање во правото на приватност е во согласност со начелата на законитост, пропорционалност и неопходност. Исто така, се препорачува државата да им обезбеди информации на лицата кои биле незаконски следени, за да можат да поведат соодветни постапки за утврдување повреда на нивните права.
Комитетот посочува дека постои и повреда на правото на слободен собир, поради прекумерната употреба на сила од страна на полицијата на протестите кои се одржаа на 5 мај пред Владата на Република Македонија, поради што препорачува државата детално да ги истражи сите случаи на насилство врз новинари и демонстранти.
Во однос на притворените демонстранти, Комитетот препорачува во иднина да се користат други мерки за обезбедување присуство на обвинетите во слични случаи, поради тоа што не претставуваат опасност за јавната сигурност, додаде Чаловска.
Во делот на слободата на движење, Комитетот ја искажува својата загриженост за ограничувањето на правото на граѓаните да ја напуштат државата, особено за припадниците на ромската етничка заедница. Комитетот препорачува државата да го почитува членот 12 од Пактот, каде е наведено дека секое лице има право да ја напушти која и да е земја, вклучувајќи ја и својата.
Комитетот за човекови права е третиот комитетот при ООН кој по усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација ја изразува загриженоста за состојбата со човековите права со ЛГБТИ луѓето во Република Македонија и недостигот од соодветна заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Комитетот е загрижен за предоминантното постоење на предрасуди и стереотипи против ЛГБТИ луѓето, а во согледувањата, посебно го потенцира проблемот со насилството врз ЛГБТИ луѓето и недостатокот на ефикасна истрага и обвинение.
Наташа Бошкова од Коалицијата Сексуални и здравствени права за маргинализирани заедници истакна дека за време на дијалогот со македонската делегација во Женева, државата не дала конкретни одговори за насилствата од омраза кон ЛГБТИ луѓето, говорот на омраза и нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка и активистите за ЛГБТИ правата.
„Поради ова, Комитетот дава препорака на државата да го дополни Законот за спречување и заштита од дискриминација со експлицитна забрана за дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Според Комитетот, државата мора да ги засили напорите во борбата против стереотипите и предрасудите против ЛГБТИ луѓето и да го санкционира секое насилство врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Посебно значајно е што Комитетот меѓудругото, го потенцира проблемот со зголемениот број на деца кои употребуваат дроги и недостатокот на соодветни програми за третман и ресоцијализација, со препорака државата да ги обезбеди потребните програми за сите деца“, додава Бошкова.
Драшко Костовски од Х.Е.Р.А истакна дека Комитетот побара да се зајакнат напорите за вклучување на жените на извршни позиции, како и мерки да се изедначат платите на мажите и жените, односно да се елиминираат родовите стереотипи.
„Јавноста, невладините организации и стручните медицински лица од 2009 година во неколку наврати посочија дека е потребно да се сопре со кампањата против абортус. Се протестираше да против новиот закон за абортус од 2013 година што воведе задолжително барање, задолжителен период на чекање и задолжително советување што, пак, не е во согласност со препораките на Светската здравствена организација. За кратко време, на терен се покажа дека со овие измени жените се третираат нехумано, а нивните животи се во опасност“, истакна Костовски.
Комитетот ги согледа овие пропусти и бара од Македонија: „да избегнува спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, за отстранување на сите пречки кои можат да придонесат жените да бараат нелегални абортуси кои ќе ги изложат на ризик нивните животи и здравје.“
„Земајќи ја предвид сериозноста на прекршувањето на човековите права преку масовното преслушување, ограничувањето на слободата на движење на граѓаните, особено припадниците на ромската етничка заедница и трговијата на луѓе, од Македонија беше побарано во рок од една година да го извести Комитетот за мерките кои се преземени за имплементација на препораките дадени во овој дел.
Поради сето ова бараме Владата на Република Македонија да го почитува Меѓународниот пакт и да преземе итни мерки за спроведување на препораките на Комитетот за човекови права и остварување и заштита на граѓанските и на политичките права“, побараа организациите за човекови права.