Стотици жители на главниот град на Косово, со бели маски на лицата и со транспаренти „Помош“ и „Престанете да не труете“ се собраа пред градското собрание на Приштина на протест поради големото аерозагадување во градот и побараа од државните и локалните власти решение на проблемот.
Последниве денови, квалитетот на воздухот, според официјалните мерни станици, достигал високи нивоа кои се опасни по здравјето на луѓето.
Косовскиот парламент закажа итна седница за проблемот.
„Доцна е за свикување вонредни седници. Повеќе не сакаме да ги слушаме како зборуваат, сега бараме чист воздух“, изјавил за Ројтерс Вулнет Красниќи, еден од демонстрантите.
Општинските власти на Приштина и Владата на Косово во координација почнале со преземање одредени мерки за намалување на загадувањето. Од денеска, центарот на Приштина е затворен за возила од 6 наутро до 22 часот, освен за јавниот превоз, возилата на итните служби и лиценцирани такси возила, дополнително забранета е продажбата на јаглен на територијата на градот.
Според експертите, загадувањето во најголем дел го предизвикуваат две термоцентрали на периферијата на градот. Косово е пета држава во светот според резервите на лигнит и користи јаглен за производство на енергија, додека многу од домаќинствата го користат за загревање на домовите, бидејќи е најефтино достапно гориво.
Студија на Светската банка од 2013 година покажува дека аерозагадувањето во Косово е причина за 852 предвремени смртни случаи и 318 нови случаи на хроничен бронхитис годишно.
Студија пак од европската непрофитна организација Алијанса за здравје и животна средина, покажала дека 16-те стари термоцентрали на лигнит, на територија на поранешна Југославија, емитуваат загадување на исто ниво како сите 296 термоцентрали во Европската Унија заедно.