„Поддржи ја музиката од Македонија и оние што ја создаваат во обидот да обезбедат приход од Јутјуб“, гласи апелот на ВБУ Музички регистар. Тие неодамна започнаа иницијатива со цел да им помогнат на македонските изведувачи, кои како што велат, се меѓу најпогодените од пандемијата.
„Главниот извор на приходи на најголем број од изведувачите, кантавторите и инструменталистите години наназад, да не напишам децении, се нивните настапи. Последниве 12 месеци тие настапи не постојат, едноставно се забранети согласно одлуките предизвикани од коронавирусот. Типот на настапи што се дозволени (музички концерти) се регулирани со посебни организациски протоколи и немаат финансиска исплатливост. Во обидот тимот на Регистарот да помогне, размислувавме и разговаравме за можни форми на помош што може да направи силен и голем импакт. Дојдовме на следнава идеја“, појаснуваат од ВБУ Музички регистар.
Претплатата (subscription) на Јутјуб каналот на омилениот изведувач е бесплатна и сѐ што треба е корисникот да има профил на платформата.
Покрај ова, од ВБУ Музички регистар ги повикуваат граѓаните редовно да ги прегледуваат содржините од домашната музичка заедница на Јутјуб.
За изведувачот да може да заработи од својот Јутјуб канал, потребно е да има најмалку 1.000 претплати (subscriptions) и 4.000 часа прегледување на неговите содржини во последните 12 месеци.