Претреси на пет локации за истрагата за пожарот во Кочани

Во текот на вчерашниот ден и денеска истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази во истрагата во врска со трагичниот пожар во Кочани, информираа од Обвинителството.

„Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“, велат од Обвинителството.

Од таму за денешниот ден најавија наредба од Обвинителството до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.

Вчера од Обвинителството информира дека има распит на повеќе 300 сведоци за трагедијата во Кочани, како и дека 11 обвинители работат на истрагата.