Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина предложи да се укине уставното ограничување од максимално два петгодишни мандати за претседателот и заменик-претседателот на државата, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.
Овој потег би му овозможил на актуелниот претседател Кси Џинпинг да остане лидер и по 2023 година, кога според сегашното ограничување би требало да заврши неговиот мандат.
Првите пет години од владеењето на Џинпинг, откако беше назначен за претседател во 2013 година, претставуваа почеток на една од најголемите политички пресметки во последните децении, кога голем број високи функционери беа уапсени поради корупција. Активистите, дисидентите и интелектуалците со загриженост го коментираат предлогот за уставните измени.
„Сигурно дека ќе стане само полошо. Последиците ќе бидат огромни“, вели популарниот кинески дисидент Вуер Каиџи, кој уште по протестите на Плоштадот Тијананмен од 1989 година се наоѓа на Тајван во егзил.
Каиџи е еден од потписниците на петицијата против укинувањето на ограничувањата на претседателскиот мандат, нарекувајќи го таквиот потег „чекор кон тиранија“.
„Не смееме да останеме безгласни. Оваа земја е наша земја и не смееме да дозволиме амбициите на неколку луѓе да не водат кон амбисот“, пишува во петицијата.
Уредникот на списанието за кинеска политика „Синоцизм“, Бил Бишоп, пак смета дека потегот ја потврдува промената на Џинпинг во „Путин-плус“ вид на политичар, само што, според него, кинескиот претседател е многу посилен, многу поефективен и многу поамбициозен од рускиот колега.
„Ова е бомбастична информација, не очекував таква отворена декларација на нов режим… мислев дека можеби нема да се осмели на таков чекор“, вели за Гардијан Сузан Ширк, американски експерт за Кина.
„Она што се случува е позиционирање на Кси Џинпинг како владетел на Кина, култна личност, немам проблем да го наречам доживотен диктатор“, додава таа.
Ограничувањето на претседателскиот мандат е воведен од поранешниот кинески лидер Денг Ксиаопинг во 1980-тите години, по смртта на Мао Це Тунг, како начин земјата да се заштити од харизматични лидери и култот на личноста.