Претседателите на Хрватска, Македонија и Црна Гора, Иво Јосиповиќ, Ѓорге Иванов, и Филип Вујановиќ именуваа лични претставници за иницијативата РЕКОМ кои ќе учествуваат во работата на Регионалната експертска група за разгледување на Предлог-статутот кој го предложи Коалицијата за РЕКОМ и ќе разговараат за уставно-правните можности за основање на РЕКОМ.
Состанокот со личните претставници на претседателите на државите, со учество на претставници на Коалицијата за РЕКОМ, ќе се одржи под покровителство на еден од претседателите на државите, без присуство на медиумите.
Претседателот Јосиповиќ ја именуваше Злата Ѓурѓевиќ, редовна професорка на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб, претседателот Иванов, Љубен Арнаудоски, заменик на генералниот секретар за правни и организациони работи во кабинетот на претседателот на Република Македонија, а претседателот Вујановиќ, Соња Томовиќ-Шундиќ, декан на Факултетот за политички науки во Подгорица.
Коалицијата за РЕКОМ во декември 2012. година ги повика претседателите на државите во регионот да донесат одлука за основање на РЕКОМ, за што се залагаат Регионалната коалиција и 543.000 граѓани од сите пост-југословенски земји. Во писмото до претседателите на државите, Коалицијата за РЕКОМ укажа на значајните резултати на невладините организации за човекови права во документирањето на жртвите од војните од деведесеттите, кои ќе помогнат РЕКОМ побрзо и поефикасно да ја исполни основната задача која се однесува на персонилизација и јавно признавање на луѓето кои го изгубија животот или исчезнаа во војните од 1991-2001 година.
Според проценките од повеќе независни извори, во војните, или во врска со нив, на територијата на Словенија, на Хрватска, на Босна и Херцегоиина, на Косово и во Македонија, животот го загубиле или исчезнале околу 130.000 луѓе.