Граѓанската иницијатива Зелен хуман град (ЗХГ) упати јавно барање до претседателката Гордана Силјановска Давкова, со цел, како што велат оттаму, таа да не ги потпишува контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање со кои се овозможува уништување на плодно земјоделско земјиште со поставување на фотоволтаични централи и ветерници.
„Ве повикуваме да покажете дека навистина сте претседателка на сите граѓани и да постапите во корист на граѓаните – уништувањето на плодно земјоделско земјиште во ера на климатска криза е погубно за Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека македонското земјоделство со децении се соочува со низа удари предизвикани од лоши владини политики поради што имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увоз на храна!
Од првиот ден кога сме доставиле јавни барања до институциите за инвестиции во обновлива (соларна) енергија сме нагласувале дека фотоволтаичните (ФВ) системи мора најнапред да се поставуваат на сите расположливи кровни површини и тоа со приоритет на јавни институции кои се греат на загадувачки енергенси. Понатаму, со измени во законските и подзаконските акти да се тргне ограничувањето на инсталирана моќност за да може секое домаќинство, секоја заедница на станари, секој деловен објект да си постави ФВ системи на покривот на објектите за домување/деловни намени, а вишокот произведена енергија да може да го враќа назад во мрежата по фер цена и на тој начин да го намали сопствениот финансиски товар предизвикан од астрономските цени на електричната енергија“, се вели во барањето.
Поентата со инвестициите во соларната енергија, посочуваат еко-активистите, е да се има најмал негативен ефект врз животната средина, а со тоа и врз човечките животи, но поентата е и граѓаните на Македонија да се ослободат од енергетската сиромаштија и од енергетските монополи.
„Со потпишување на указот за овие законски измени вие ќе го овозможите токму спротивното – односно продолжување на должничкото ропство на многу наши сограѓани, едноставна замена на еден монопол со друг! Спорните законски измени претставуваат злоупотреба на обновливата енергија како изговор за уништување на наш драгоцен ресурс. Уште позагрижувачки е фактот што нарачаните штетни измени на Законот за урбанистичко планирање веќе по вторпат за овој пратенички состав преоѓаат во шаблонско однесување и нѐ враќаат во минатото кога јавноста речиси не можеше да ги следи пречестите измени на законите поврзани со урбанизмот. Законот за градење во своето минато 11-годишно владеење оваа власт го менуваше дури 29 пати!“, стои во барањето до претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Според Зелен хуман град, не може измени на закони кои се усвојуваат по скратени постапки зад затворени врати да бидат во корист на граѓаните.