Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили вчера стави вето на законот за „странски агенти“ со кој, меѓу другото, се таргетираат медиумите, а против кој илјадници Грузијци протестираат со недели, јавува Радио Слободна Европа.
Според законот, медиумите и невладините организации би требало да се регистрираат како субјекти кои „ги застапуваат интересите на странските сили“, доколку повеќе од 20 отсто од нивните финансии доаѓаат од странство.
Законот, за кој критичарите тврдат дека е сличен на руското законско решение кој тамошниот претседател Владимир Путин го користеше за да ја задуши опозицијата и независните медиуми, беше усвоен на 14 мај, и покрај повеќенеделните протести во земјата и предупредувањата од Западот.
Периодот пред и по усвојувањето на законот беше обележан со масовни демонстрации на десетици илјади Грузијци, а протестите повеќепати насилно беа задушувани, со солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Зурабишвили претходно го најави ветото за законот кој го смета за „неприфатлив“ и за кој вели дека претставува јасно отстапување од европскиот пат на земјата.
Владејачката партија Грузиски сон, која го усвои законот во парламентот, има доволно мнозинство за да го надмине ветото на претседателката.
„Фајненшнл тајмс“ пак, јавува дека постои можност Европската Унија да ја замрзне кандидатурата на земјата за членство поради законот.