Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска согласно Законот за управување со кризи, донесе одлука за учество на дел од Армијата во справувањето со пожарите.
Ваквата одлука доаѓа по донесената одлука на Владата од 13 август за продолжување на кризната состојба на целата територија, прогласена првично на 13 јули, заради зголемената појава на пожари.
„Начинот и интензитетот на кој припадниците на Армијата ќе помагаат на другите институции при гаснење на пожарите ќе го одредува Генералштабот на армијата во согласност со побарувањата од Центарот за управување со кризи и состојбата на теренот“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Инаку, Центарот за управување со кризи утрово соопшти дека низ Македонија се активни 12 пожари, односно дека во текот на изминатиот ден биле регистрирани вкупно 49 пожари.