Претседателката Сиљановска-Давкова потпиша укази за отповикување на девет амбасадори од должноста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги потпиша указите со кои се отповикуваат девет амбасадори од должноста.

Како што се наведува, осум се отповикуваат бидејќи заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието, а една амбасадорка се отповикува во редовна постапка поради завршување на мандатот.

Амбасадорите коишто се именуваат законски се обврзани пред да бидат назначени да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика, се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателката.

Во согласност со донесените укази, се отповикуваат:

– Јакуп Реџепи од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Босна и Херцеговина, со седиште во Сараево;

– Џенк Сејфула од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Шведска, со седиште во Стокхолм;

– Методија Белевски од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Белгија и од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор за Големото Војводство Луксембург, со седиште во Брисел;

– Агнеза Руси Поповска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Бугарија, со седиште во Софија;

– Емил Крстески од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република, со седиште во Прага;

– Пајо Авировиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, со седиште во Виена;

– Зеќир Рамчиловиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Црна Гора, со седиште во Подгорица; и

– Катерина Ставреска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон.

Исто така, претседателката Сиљановска-Давкова донесе Указ за отповикување во редовна постапка на Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, поради завршување на мандатот.

Во согласност со донесените укази, како што наведуваат од кабинетот на претседателката, должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година.