Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, доби тужба од опозициски активист откако бил блокиран од официјалниот претседателски Фејсбук профил.
21-годишниот претседател на мала опозициска организација „Демократија-1918“, Ахмад Мамадли, поднел тужба на 9 април во судот во Баку против Алиев. Во тужбата тој тврди дека со блокирањето му се забранува пристап до јавни информации.
Истовремено тој испратил официјално барање до канцеларијата на претседателот со кое бара да му се дадат информации за правилата според кој ги блокираат корисниците на Фејсбук, како и начинот на кој се менаџираат социјалните мрежи на претседателот. Досега не добил одговор.
Мамадли бил блокиран само од Фејсбук профилот на претседателот, иако тој критично коментирал и на профилите на Алиев на Твитер и Инстаграм.
„Пред некое време сакав да проверам некои објави на профилот на претседателот и тогаш сфатив дека не можам да пристапам до нив. Прво помислив дека се работи за технички проблем. Побарав некои пријатели да го проверат профилот и сите тие можеа да пристапат до него без никаков проблем. Тогаш сфатив дека сум блокиран“, вели Мамадли за Еурасианет.
„Најактивен бев на Инстаграм и Твитер, оставав реплики и ретвитав. На Фејсбук најчесто пишував сопствени објави во кои го тагнував Алиев“, додава тој.
Мамадли не е единствениот азербејџански активист кој е блокиран од социјалните мрежи на претседателот. Порталот „Микроскоп“ пренесе дека нашле најмалку 20 политичари и јавни личности кои биле блокирани на Фејсбук и Твитер. Настрана од ова бројни обични граѓани исто така се блокирани поради критики на Алиев.
Во коментарите на сторијата на „Микроскоп“ дел од корисниците сведочат дека и тие отишле на профилот на претседателот и сфатиле дека се блокирани.
„Дури и луѓе кои само одговараат на постовите се блокирани. Тоа не е ништо ново“, напишал еден од корисниците.
Активистот за човекови права, Фуад Ахмадли, вели дека во март открил дека бил блокиран од Фејсбук страницата на Алиев.
„Тој не може едноставно да блокира и да одблокира кого сака. Се работи за државен ресурс, финансиран од нашите даноци, па кога ќе увидите дека сте блокирани од овој ресурс е чудно и тажно“, вели тој.
И други активисти кои биле блокирани размислуваат да го тужат Алиев, се наведува во сторијата на „Микроскоп“, но досега не се подигнати дополнителни тужби.
Критичарите велат дека станува збор за кршење на правата на Азербејџанците за слободен пристап до информации, како и слободата јавно да го критикуваат претседателот.
„Според уставот, сите претставници на власта имаат обврска да ги слушаат граѓаните. Во тој поглед, блокирањето на социјални мрежи е уставно прекршувањето кое спаѓа под оваа категорија“, вели за Радио Слободна Европа правникот, Алашгар Мамадли.
Овој случај не е својствен само за Азербејџан. Познато е дека поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, успешно беше тужен поради блокирање луѓе на Твитер. Американските судови одлучија дека профилот на претседателот е јавен форум и дека блокирањето луѓе поради нивните мислења е кршење на правото на слобода на говор.