Претседателот на Јужна Кореја вдоми куче спасено од фарма за кучешко месо

Новиот претседател на Јужна Кореја, Мун џае-ин, исполни едно од своите изборни ветувања вдомувајќи куче бездомник кое група за заштита на животните го спасило од фарма за кучешко месо.

Во соопштение на фејсбук страната на „Сината куќа“ (официјалната претседателска резиденција во Сеул), „Тори“ е претставено како новото „Прво Куче“ на Јужна Кореја во гест на поддршка на правата на животните во земјата.

Фотографија од кучето Тори

Четиригодишното црно куче од мешана раса било вдомено од прифатилиштето на групата за права на животните „КАРЕ“, додека државната новинска агенција Јонхап потенцира дека ова е прв пат куче од прифатилиште да стане таканаречено „Прво Куче“.

„КАРЕ“ го спасиле Тори од фарма за кучешко месо пред две години, но не успеале да му најдат сопственик поради предрасудите кон кучиња со црна боја во Јужна Кореја. Претседателот изјавил дека вдомувањето покажува дека „и луѓето и животните треба да бидат ослободени од предрасуди и дискриминација“, пренесува Јонхап.

Помеѓу активностите на „КАРЕ“ е и кампањата против кучешко месо во Азија и на гестот на вдомување од претседателот од групата гледаат како испраќање силна порака против ваква трговија.

Претседателот со „Првото Куче“ на Јужна Кореја

Правата на животните беа суштински дел од изборната кампања на Претседателот Мун, во која тој вети изградба на повеќе игралишта за миленичиња и обезбедување храна за бездомните мачки. Сепак тој немаше најавено целосна забрана за трговија со кучешко месо, заложувајќи се за постепено справување со тоа прашање.

Тори се придружува на двете други миленичиња на Претседателот – куче наречено „Мару“ и мачката „Џинг-џинг“ која исто така била вдомена од прифатилиште.

Минатата недела, опозициската Партија на правдата, му врачи на Претседателот луксузен кревет за кучиња, посочувајќи дека подарокот не спаѓа под антикорупциските правила во земјата бидејќи е наменет за куче, а не за претседателот.