Претседателот на Република Српска Милорад Додик е прогласен за виновен пред Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) под обвинение за непочитување на одлуките на Високиот претставник во БиХ. Од обвинението е ослободен Милош Лукиќ, в.д директорот на Службениот весник на Република Српска, пренесува Данас.
Судот го осуди Додик на една година затвор. Истовремено му е изречена мерка – забрана за политичко дејствување во период од шест години.
„Значи, нема причина за загриженост, важно ми е што сте тука и дека ми давате поддршка“, рече Додик на митингот пред Народното собрание на Република Српска по изрекувањето на пресудата.
Додик, како и неговиот адвокат Горан Бубиќ не присуствуваа на изрекувањето на пресудата. Бидејќи се работи за првостепена пресуда, обвинителството има право на жалба. По поднесувањето на жалбите, Апелацискиот совет на Судот на БиХ треба да донесе правосилна пресуда во рок од околу три и пол месеци. Судењето на Додик и Лукиќ е прво судење пред судството во БиХ за кривично дело непочитување на одлуките на високиот претставник.
Обвинителството на БиХ во завршните зборови побара Додик и Лукиќ да бидат осудени на затворски казни поблиски до максимумот предвиден за ова кривично дело, а тоа е пет години, како и да им се изрече безбедносна мерка забрана за вршење на функцијата во траење од десет години. За Додик престанок на вршењето на функцијата претседател на Република Српска, а за Лукиќ престанок на функцијата директор на Службениот весник.
Додик и Лукиќ се товарат дека од 1 до 9 јули 2023 година знаејќи дека Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, донел одлука со која се спречува стапувањето во сила на Законот за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ од 1 јули истата година, како и на одлуката со која се спречува стапување на сила на Законот за измени на Законот за објавување закони и други прописи, преземале дејствија со цел продолжување на законодавната постапка, без примена и неспроведување на одлуките на високиот претставник.