Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, најави дека ќе се повлече од функцијата откако на масовните протести граѓаните му упаднаа во резиденцијата и ја запалија куќата на премиерот.
Стотици илјадници луѓе од целата земја вчера маршираа кон главниот град Коломбо со барање Раџапакса да поднесе оставка поради лошо справување со економската криза во земјата.
Според претседателот на парламентот, Раџапакса ќе даде оставка на 13 јули, а премиерот исто така прифатил да ја напушти функцијата. Тој додаде дека претседателот одлучил да се повлече со цел да „обезбеди мирно предавање на власта“ и ги повика граѓаните да ги почитуваат законите.
Овие информации предизвикаа одушевување и огномети во главниот град.
Фиона Сирмана, која беше дел од протестот објаснува дека е време власта да си замине и да почне нова ера во Шри Ланка.
„Многу сум тажна што не заминаа порано, бидејќи доколку го направеа тоа немаше да има никакви немири и деструкција“, рекла таа за Ројтерс, пренесе Би-Би-Си.
Десетици луѓе биле повредени за време на протестите, а портпаролот на главната болница во Коломбо изјавил дека три луѓе биле примени со прострелни рани.
Шри Ланка се справува со огромна инфлација и се мачи во снабдувањето на земјата со увоз на храна, гориво и лекови.
Земјата ги потроши сите државни девизни резерви и неуспешно се обидува да увезе основни продукти. Мнозинството граѓани овие проблеми ги припишуваат на претседателот и на демонстрациите кои траат од март се бара негова оставка.