Тунис на референдум одобри нови овластувања за претседателот на државата во потег кој според критичарите претставува ризик за враќање на авторитарната власт во земјата.
На референдумот гласаа помалку од третина од гласачите во Тунис, а од оние кои гласаа 94,6% го поддржаа предлогот за дополнителни уставни овластувања на претседателот Каи Саед, пренесе „Би-Би-Си“.
Опозицијата, која го бојкотираше референдумот, ги отфрли резултатите како некредибилни и лажирани.
Според претседателот Саед, измените на овластувањата ќе ја прекинат „политичката парализа“ на земјата.
64-годишниот претседател досега владееше со декрет од минатата година, кога во драматичен потег го суспендираше парламентот и ја распушти владата.
Со промената на Уставот се предвидува на претседателот да му се даде целосната контрола врз извршната власт, врховна команда на војската и можност да назначува влада без согласност од парламентот. Истовремено со измените се предвидува да се ослабне судската контрола врз власта на претседателот.
Политичките ривали на Саед ја обвинија изборната комисија за фалсификати на референдумот, додавајќи дека нема да го признаат променетиот устав, кој се очекува да стапи на сила откако референдумските резултати ќе станат официјални.
Критичарите се плашат дека новите уставни измени ќе ја зацврстат моќта на претседателот и ќе ги ослабнат сите контролни механизми што ќе нанесе силен удар на релативно младата демократија во Тунис.
Многумина ги поддржаа уставните промени во надеж дека новиот Устав ќе претставува ново поглавје во политиката на Тунис и ќе ја ослободи земјата од политичките блокади.
Зборувајќи пред своите симпатизери по објавување на првичните резултати од референдумот, Саед изјави дека „Тунис влегла во нова фаза“ и вети дека „сите кои извршиле криминал против државата ќе одговараат за своите постапки“.
На референдумот имаше најмал одѕив на гласачи во последните пет големи избори кои се случија во Тунис од 2011 година, кога во земјата беше срушен долгогодишниот владетел Зине Абидин Бен Ал и започна Арапската пролет, бранот протести против недемократските власти на Блискиот Исток.