Претседателот Стево Пендаровски на церемонија во неговиот кабинет вчера го додели признанието „Успешни млади“ за минатата година. Признанието, како што велат од кабинетот на претседателот се доделува како поттик na научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во земјава.
За Најдобра млада научничка во општествените науки носителка на признанието е д-р Милка Ивановска Хаџиевска, која предава на Лунд Универзитетот во Шведска, додека за Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран д-р Бобан Карапејовски, чии трудови се однесуваат на теми од македонската морфологија и стилистика, со што кандидатот дал значаен придонес во проучувањето на македонскиот јазик и во развојот на македонистиката.
За Најдобра млада научничка во природно-математички и технички науки е избрана Гордана Каплан, доктор на науки во областа градежништво и геодезија, и вонреден професор на Институтот „Земја и Вселена“ при Техничкиот Универзитет во Ескишехир во Турција. Во меѓувреме, за Најдобар млад научник во медицинските науки е избран д-р Филип Конески, специјалист по орална хирургија и специјализант по максилофацијална хирургија.
Во категоријата „Млад талент“ признанието го доби Марио Ванчоски, ученик во СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип, носител на повеќе награди натпреварувања по математика, физика и хемија.
Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата доби Кристијан Лазарев, кој зад себе има импресивни резултати во делот на инклузијата на лицата со попреченост во многу области, но најмногу во развивање и прилагодување на асистивни технологии, кои пак многукратно ќе го подобрат квалитетот на животот на засегнатите лица и како и нивниот пристап до информации, образование, вработување и општествени активности, посочуваат од кабинетот на претседателот.
Во катероријата Најдобар/а млад/а уметник/чка се избрани Дарја Ризова и Чендрим Ријани, кои со своите творечки достигнувања во текот на 2022 година оствариле значаен придонес во афирмацијата на македонското театарско творештво, како во земјата така и во странство.
Претседателот Пендаровски истакна дека носителите на признанието се позитивен пример за нивните врсници, но и за сегашните и идните генерации.
„Тие треба да бидат и да останат нашиот модел според кој новите генерации ќе се однесуваат и создаваат вредности. Нивниот пример на посветеност и вложување на своето време и својот труд во себеси, како единствен пат до успехот, треба да биде пример и за повозрасните наши граѓани. Реков и да повторам, неопходно да ги поддржиме младите и соодветно да ги вреднуваме и наградиме нивните постигнувања. Во овој контекст, верувам дека признанието „Успешни млади“ дава свој придонес и ја исполнува својата мисија и цел“, рече Пендаровски.
Инаку, признанието се доделува по четврти пат за резултати постигнати во изминатата година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.