Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денеска, точно на пладне, му го врачи мандатот за состав на нова Влада на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и пратеник Зоран Заев.
Заев потенцираше дека го добива мандатот за составување на, како што рече, демократска, политичка, одговорна и европска влада, со институции кои уште повеќе и подобро ќе им служат на граѓаните.
„Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да составиме предлог за програма и за кадри кои демократското мнозинство во Собранието ќе ги изгласа и со тоа ќе довери полн, четиригодишен мандат на стабилна влада која е подготвена да сработи, да служи, која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободена од каква било етничка предрасуда, или било какви национализми. Влада која ќе го развива уште повеќе концептот едно општество за сите. Пред македонското собрание ќе испорачам предлог за влада составена од квалитетни, одговорни и отчетни кадри, која е решена и која силно ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посвети на делот на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на парите кај секој функционер“, изјави Заев, веднаш по врачувањето на мандатот.
Тој меѓудругото, додаде дека програмата во најголема мера ќе биде посветена на новата македонска економија, каде главните принципи се платите и пензиите да продолжат да растат, вложувањето во младите и во рамномерниот регионален развој.
Ова доаѓа по парламентарните избори кои се одржаа на 15 јули.
Според Државната изборна комисија, коалицијата „Можеме“ на овие избори освоила 46 мандати, додека коалицијата „Обнова за Македонија“ која е предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 44 мандати.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) освоила 15 мандати, Алијанса за Албанците и Алтернатива освоиле 12 мандати, додека Демократската партија на Албанците (ДПА) освои еден мандат. За прв пат во македонското собрание влезе и политичката партија Левица која освои два мандати.
Државната изборна комисија ги соопшти конечните резултати од парламентарните избори