Претставата „12“ избрана за најдобра на Театарскиот фестивал „5ре“

Македонскиот народен театар се врати од регионална турнеја и веднаш продолжи со својата програма, каде на 15 април, на 4. Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес, на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, настапи со претставата „12“ и ги доби наградите за најдобра претстава во целина и најдобра режија.

Претставата „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), е во адаптација и режија на Синиша Евтимов.

Додека, актери во „12“ се Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.

„Актерите досега ги освоија домашниот и меѓународниот аудиториум со својата силна социјална порака и извонредна актерска игра, а овие награди се дополнителна сатисфакција за освојување нови признанија“, велат од МНТ.