Како дел од годишната програма на Скопје танцовиот театар, кој прославува 10 години постоење, вечерва, 15 ноември, во МНТ ќе се одржи претставата „Импулс – во чест на танцот“
Претставата ќе започне во 20 часот, а ќе биде посветена на Емилија Џипунова, доајенката на балетската уметност во Македонија и добитник на овогодинешната награда за уметност на Град Скопје „13 ноември“.
„Ова е награда која госпоѓа Џипунова апсолутно ја заслужува со својот долгогодишен труд и предонес не само за балетската уметност, туку и за танцовата уметност во целост и со радост ќе настапиме во нејзина чест. Оваа претстава е дел од нашата годишна јубилејна програма, која ќе финишира на почетокот на декември, кога ќе имаме гости до Холандија, од Скапино балет Ротердам и заедно ќе го чествуваме танцот“, истакна Рисима Рисимкин.
Претставата „Импулс“ е составена од три дела, првиот дел е танцовиот перформанс „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска во кој настапуваат Дејан Битровски и Анастасија Данчевска, потоа следи танцовиот филм „Дома“, во режија и кореореографија исто на Данчевска, а програмата завршува со „Меѓусвет (Убавите жени)“ во режија и кореографија на Рисима Рисимкин, претстава инспирирана од творештворто на Блаже Конески.
За „Меѓусвет (Убавите жени)“ на Рисимкин, музиката ја потпишува Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената на Матеа Мијановиќ.
Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Ивана Балабанова, како и студентите на Катедрата за современ танц при УГД – Сара Димковска, Стефани Шааршмит (Германија) и Емилија Милак (Црна Гора).