Во четврток (12.09) претставата „Кенди’’ во режија на Тамара Стојаноска ќе учествува во официјална конкуренција на 32. МТФ Ристо Шишков во Струмица.
Во претставата играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, а музиката е на Лука Тошев.
„Кенди’’ премиерно беше прикажана во 2022 година а досега има освоено три награди: „Бранко Ѓорчев’’ на истоимениот фестивал во Неготино, „Биш’’ на фестивалот Млад отворен театар во МКЦ и награда за најдобра претстава на фестивалот „Нишвил’’ во Ниш, Република Србија.
„’Кенди’’ зборува за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност, според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction) и авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Дуодрамата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите. Приказ на едно ‘современо’ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги. ‘Кенди’’ е еден наш аларм за свест, помош и едукација – она што денес треба да е приоритет кога се говори толку често за животот на младите“, велат од театарот.