Претставата „Кој пукаше на 21-ви?“, работена според драмата Mad Forest по текст на британската современа писателка Черил Черчил и во режија на Нина Николиќ, ќе се игра во на 6 и 7 декември во МКЦ.
Претставата е на британската современа писателка Черил Черчил и раскажува за периодот пред, по и за време на романската револуција во 1989-та година. Самиот драмски текст има фрагментарна структура и е напишан откако авторката, режисерот и група студенти по глума од Лондон заминале за Романија, со цел да работат со група тамошни студенти по глума, каде што дознале нешто повеќе за настаните поврзани со падот на Чаушеску. Драмата е за прв пат поставена во јуни 1990-та, само три месеци по самата револуција.
Улогите во претставата ги играат: Sвезда Анѓеловска, Петар Арсовски, Благој Веселинов, Стефан Вујисиќ, Нина Деан, Билјана Јовановска, Мартин Јорданоски, Владимир Лазовски, Нина Максимова, Владимир Петровиќ и Кристиан Светиев. Актери во видеото пак се Синоличка Трпкова, Васил Зафирчев, Дарја Ризова и Снежана Стамеска.
– Дали имавме револуција или пуч? Кој пукаше на 21.? Дали пукаше војската или припадниците на Секуритате маскирани во војнички униформи? И најважно од се’, се бореа ли меѓусебно терористите и војската или само се преправаа? И во чија корист?, се дел од прашањата во претставата.
Претставата се игра од 21 часот, а за неа има обезбедено превод на англиски јазик.