Театарската претстава „Мојот маж“ од режисерката Нела Витошевиќ, која е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози, ќе се одигра во петок, 25 април, со почеток во 20 часот во Драмски театар Скопје.
„Драмската структура на театарската претстава ‘Мојот маж’ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа, драматизацијата на шесте раскази од Румена Бужаровска (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарениот материјал произлезен од авторските монолози“, се вели во најавата за настанот.
Како што пишува таму, дејствата од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел (авторските монолози) тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности.
„Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, се уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото“, велат од Драмски театар.
Играно-документарниот пристап, додаваат оттаму, како жанровска определба и драматуршко режисерски концепт, е сеприсутен на европските театарски сцени, но е редок пример на македонската театарска сцена.
„Играно-документарниот пристап нуди едно сосема ново, поинакво театарско искуство, кое предизвикува силни емоции и соочување со себе и од себе, со себе кон другиот, од другиот кон себе. Тоа е редок колективен чин кој не е приземно сентиментален и патетичен, туку напротив длабоко е емпатичен и хуман. Присутноста на театарска спонтаност (кај актерот и гледачот) доведува до ослободување и отвара простор за различна театарска перспективност“, истакнуваат од Драмски.
Улогите ги толкуваат Игор Ангелов, Сања Арсовска, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ, Наталија Теодосиева, Филип Трајковиќ, Емилија Мицевска и Трајанка Илиева – Вељиќ. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, костимографка Роза трајчевска – Ристоска, а сценограф е Константин Трпеноски.
Премиерата на „Мојот маж“ е одиграна на 15 февруари 2020 година.