Претставата „Приказни од ходникот“ на театарот „Сенки и облаци“ во МКЦ

Претставата „Приказни од ходникот“ на театарот „Сенки и облаци“ вечерва (13 март) во 20 часот премиерно ќе биде изведена во Младинскиот културен центар во Скопје.

Театарот „Сенки и облаци” од Скопје и 15 млади креативци минатиот месец ги разоткриваа тајните и митовите за сексуалното и репродуктивното здравје кај младите. Преку креативна алатка – театар на сенки, создадоа приказни кои ќе ги едуцираат нивните врсници. Претставата „Приказни од ходникот” на забавен начин треба да ја зголеми свеста кај младите за начините на пренесување ХИВ/ сида, сексуално преносливи болести и правилна заштита. Од претставата ќе биде изработено видео кое фондацијата „Ем-ти-ви стејинг алајв”, посветена на борбата против ширењето на ХИВ помеѓу младите луѓе, ќе го дистрибуира преку својата мрежа за едукација. Проектот го поддржаа и МKЦ, Здружението ХЕРА и мрежата на Ејџ-би-о и мрежата Youth peer од Македонија.

Во април претставата ќе игра и во Kавадарци, Тетово, Велес и во Kуманово.

Театарот „Сенки и облаци“ е основан во 2005 година како неформална група истомисленици, кои истата година ја подготвија својата прва претстава со сенки „Баш челик“. Влечејќи корени од „караѓоз“, уметничката традиција (воведена првпат во Македонија од Турците пред повеќе векови), нивните претстави прераснуваат во модерна изведба со едукативни елементи.

 

Извор: Дневник