По повод Меѓународниот ден на жената и 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, UN Women во Северна Македонија, во соработка со Пошта на Северна Македонија, претстави специјален пригоден поштенски жиг. Дизајнот прикажува крената тупаница – симбол на решителност, издржливост и барање за женските права – заедно со бројот 30, кој означува три децении напредок и континуирана акција од усвојувањето на Пекиншката платформа за акција.
Овој симболичен гест, како што велат од UN Women, ја истакнува посветеноста на земјата кон родовата еднаквост и континуираните заложби за обезбедување еднакви можности за жените и девојчињата.
Поштенскиот жиг, кој ќе се користи ексклузивно на 8 март, е дело на дизајнерката и феминистка Нита Хаџихамза Гаши.
Раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија Весна Ивановиќ-Кастаред изјави дека Пекиншката декларација е темел за обликување на политики што ја унапредуваат родовата еднаквост во светот и во земјава.
„Овој пригоден поштенски жиг е во чест на заложбите од одржувањето на 4-та светска конференција за жените во Пекинг до денес, и потсетник за постигнатиот напредок, но и предизвиците и потребата од сестран пристап и интервенции за надминување на бариерите, како и забрзување на напредокот кон родова еднаквост и јакнење на жените за да се остварат Целите за одржлив развој до 2030 година“, рече Ивановиќ-Кастаред.
Иницијативата е посветена на сите жени и девојчиња, нагласувајќи ја колективната одговорност за почитување на нивните права и зајакнување на нивниот глас, посочуваат од UN Women и додаваат дека дизајнот на поштенскиот жиг визуелно ја пренесува силата на феминистичкото движење и важноста да се одржи моментумот за постигнување трансформативни промени.
„Овој поштенски жиг е вреден потсетник дека родовата еднаквост не е само женско прашање – тоа е колективна одговорност. Триесет години по Пекиншката декларација, мораме да продолжиме да ги надминуваме бариерите, да ги преобликуваме политиките и да обезбедиме секоја жена и девојче да имаат можност да напредуваат. Напредокот за жените е напредок за
сите. Со овој поштенски жиг, им оддаваме почит на оние што го трасираа патот, на оние што продолжуваат да се борат и на идните генерации што заслужуваат поправеден и поеднаков свет“, истакна Димитар Димитровски, координатор за комуникации и знаење во UN Women Северна Македонија.
Додека светот го одбележува Меѓународниот ден на жената, оваа иницијатива поттикнува на размислување за достигнувањата во изминатите 30 години и повикува на обновена посветеност и акции за да се осигураме дека ниту една жена или девојче нема да бидат изоставени, велат од UN Women.