Во рамки на МТФ Скупи фестивал, вечерва во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се изведе претставата „Несоница“, а во недела „Тие влегуваат без да тропнат“. Двете претстави почнуваат во 20 часот.
„Несоница“, на чешкиот Мит Фактори, е претстава за безимена жена која навечер наместо да спие, се посветува на читање класични романи. Тие ја доведуваат до самиот раб помеѓу животот и смртта. Оваа нетрадиционална театарска продукција, е заедничко творештво на четворица истакнати режисери. Секој од нив, со својот дел од претставата, во сопствен стил ги прикажува различните сфери на мистичниот и темен свет на букви во кој хероината потонува.
Претставата “Тие влегуваат без да тропнат” од албанскиот Театар на денот, е приказна за двојка на интелектуалци во времето на диктаторскиот режим. Заклучени во својот стан, тие чекаат да бидат приведени од полицијата. Нивните работи се спакувани, а мебелот покриен со бели чаршави. Додека чекаат некој да затропа на вратата, или да заѕвони телефонот, започнуваат разговор и враќајќи се низ времето се обидуваат да сфатат каде згрешиле. Кога разговорот ќе стане многу тензичен, просторијата се претвора во соба за распит. Сопружниците наизменично стануваат обвинител и обвинет. Неможејќи да им се спротистават на поставените прашања тие откриваат сè, вклучувајќи ги и најинтимните тајни.

Од претставата „Тие влегуваат без да тропнат“
Билетите, по цена од 150 денари, можат да се купат на билетарницата на МКЦ, или да се резервираат на bileti@mkc.mk. За претставите е обезбеден превод на македонски јазик.
МТФ Скупи Фестивал е поддржан од Министерството за Култура и Градот Скопје.