Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Презадолжен сум поради коцка, пушам марихуана и многу ми е тешко. Пробувам да се одвикнам од коцкање, некако ми оди, но мислите ми се само во кредити бидејќи не можам да ги вратам и не знам што да правам. Ми треба помош околу психичката состојба бидејќи не се издржува вака, имам само 23 години. Како се вратам во нормала, со нормален живот и мислите да не ми бидат во долговите и лихварите.
Одговара: Ана Попризова, психолог и гешталт терапевт
Ти благодарам што го сподели твојот проблем.
Според она што го наведуваш, може да се увиди дека коренот на твојот проблем е зависноста од коцкањето.
За многу луѓе, коцкањето е безопасна забава, но може да стане проблем. Овој тип на компулсивно однесување често се нарекува „проблематично коцкање“.
Зависноста од коцкање е прогресивна зависност која може да има многу негативни психолошки, физички и социјални последици. Се работи за пореметување на контролата на импулсот.
Проблематичното коцкање е штетно за психолошкото и физичкото здравје. Луѓето кои живеат со оваа зависност може да доживеат депресија, вознемиреност и други проблеми.
Од она што го наведуваш, може да се забележи дека, последиците од коцкањето може да доведат до чувство на очај и беспомошност, особено во комбинација со презадолженоста која ја спомнуваш и притисокот од лихварите. Ова е прилично вознемирувачка состојба, која може да влијае на твоето здравје и начин на живот на повеќе нивоа, психолошко, емоционално но и материјално и финансиско поле.
Стапката на проблематично коцкање се зголеми и на глобално ниво во последните неколку години. Проблем е што коцкарниците се премногу присутни кај нас, а многу малку млади луѓе знаат за опасностите и последиците од оваа појава.
Зависноста од коцкање доаѓа во многу форми, а првично се манифестира како зголемена желба за играње. Коцкањето може да доведе до низа проблеми, но зависноста може да се случи секому. Никој не може да предвиди кој ќе развие зависност од коцкање. Најчесто се започнува со рекреативно коцкање, кое во некои случаи преминува во проблематично. Почнуваат финансиски проблеми, кои можат да доведат и до семејни проблеми или на работното место. Кај личноста започнува да се јавува потреба да се коцка со зголемени суми на пари за да ја почувствува возбудата, немир или раздразливост кога се обидува да престанете со коцкањето. Во повеќе наврати прави неуспешни обиди да го запре, контролира или намали коцкањето, често размислува за коцкање и прави планови за коцкање, кога ќе се вознемири има потреба да се коцка, повторно се враќа на коцкањето и по загубени големи суми на пари, прикрива дека се коцка, започнува да се задолжува од лихвари.
Често пати овој притисок личноста не може да го издржи и посегнува по конзумирање на дрога и алкохол, за што и самиот пишуваш. Ова придонесува до првично растеретување, но и поголемо комплицирање на ситуацијата и развивање на нова/втора зависност.
Значајно е што наведуваш дека се обидуваш да престанеш, но сметам дека е многу важно да побараш помош доколку сакаш да постигнеш успех. Бидејќи ова не е состојба која личноста може да ја надмине самата.
Подобрување на состојбата може да има доколку се обратиш за стручна помош од психолог кој работи со клиенти со оваа проблематика. Иако се чини дека коцкањето е финансиски проблем, се работи за емотивен проблем кој има финансиски последици. Токму затоа без соодветен психолошки третман, многу тешко личноста може самостојно, без стручна помош да го надмине овој проблем. Слично на супстанците кои создаваат зависност, како што е дрогата, зависноста од коцкање е поврзана со ослободување на хормонот допамин во мозокот. Супстанциите кои создаваат зависност влијаат на системот за наградување во мозокот и ослободуваат до 10 пати повеќе од нормалната количина на допамин. Континуираната употреба предизвикува телото да развие толеранција, бидејќи природното производство на допамин е инхибирано и на телото му треба се повеќе и повеќе од стимулирачката супстанција за да го доживее истото чувство. Затоа е многу важно луѓето кои имаат ваков проблем да не се обвинуваат самите или од страна на околината, бидејќи ова не е избор на личноста, туку однесување кое е резултат на физиолошки процеси во организмот. Неможноста да се престане со коцката не е резултат на слаба волја на личноста и најчесто обидите сами да се надминат овие состојби кај многу луѓе се неуспешни, па повторно се навраќаат.
Од друга страна, надминувањето на овој проблем вклучува поддршка од околината. Бидејќи наведуваш дека твоите родители не се запознаени со состојбата, сметам дека е од особено значење да разговараш со нив и со останати значајни луѓе од твојот живот, бидејќи тие можат да ти помогнат во надминувањето на проблемот. Првиот чекор кон надминување на состојбата е градење на мрежа на поддршка која се состои од блиски луѓе и професионалци. Исто така можеш да си помогнеш доколку ги избегнуваш местата и ситуациите каде можеш да се доведеш во искушение, да се обидуваш да го одложуваш коцкањето, и да развиваш свесност за тоа кога се јавува желбата, како се чувствуваш во тие ситуации и сл. Дефокусирањето со друга активност како алтернатива може да ја подобри состојбата исто така. Развивање и усвојување на стратегии за справување со состојбата е основата за надминување на овој проблем.
Се надевам дека успеав да одговорам на твоето прашање.