Делата именувани под заедничкото име „Домашна работа“, во авторство на уметницата Кристина Божурска, ќе бидат презентирани во четврток, на 9 февруари во КСП Центар- Јадро.
Со почеток во 20 часот, посетителите ќе имаат можност да ја проследат презентацијата на проектот „Домашна работа“ во кој освен Божурска, учествуваа и Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер.
Целта на проектот, објаснува Божурска е да се развијат експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса.
„Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност. Тие беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори. Создавањето на пињати пред КСП Центар – Јадро не однесе во друга форма на учеството на публиката“, вели таа.
Уметницата посочува дека со соседите и случајните минувачи заеднички биле изработени предмети потребни за изложбата.
„Пињатите се направени од донирани, непотребни хартии од домашни задачи кои потоа беа персонализирани со текстови, напишани и собрани од младите учесници на онлајн работилниците. Кршењето на пињатите на отворањето на изложбата ќе биде метафоричка ‘катарза’, симбол на личното и колективно дејствување на разбивање на несаканата реалност и ‘пишување’ и замислување на нова иднина со поголема емпатија, сочувство и разбирање“ дополнува Божурска.
Публикацијата од проектот е достапна тука, додека може да се погледне и самото кршење на пињатите на отворањето на изложбата.
Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрира на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста.
Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми.