Утре (27 февруари, ) во клубот ГЕМ ќе бидат презентирани клучните наоди од истражувањето за состојбите во академската професија и ставовите на академскиот кадар во Македонија.
Како што појаснуваат од „Реактор – Истражување во акција“ истражувањето е направено на примерок од 487 испитаници, вработени како наставен, научен, или соработнички кадар во високообразованите институции во земјава. Во него се опфатени широк спектар на прашања поврзани со општите услови за академска работа, задоволството од работата, мобилност на академскиот кадар, автономијата на високо образовните институции и самиот процес на донесување одлуки, ставовите во однос на дел од актуелните реформи во високото образование.
„Клучните наоди од истражувањето укажувааат на загрижувачката состојба во која се наоѓа академската професија во Македонија. Според резултатите, кај академскиот кадар постои незадоволство и скептицизам во однос на правецот во кој се движи високото образование. Влијанието на владата врз процесите на одлучување е големо, дури и во оние области кои спаѓаат во надлежност на високообразовните институции. Степенот на институционална и финансиска автономија е низок, додека нивото на академска слобода кај академскиот кадар е ограничен. Подготвеноста на огромен дел од академскиот кадар за миграција надвор од државата е алармантна и може да доведе до академски егзодус. Академскиот кадар е незадоволен од повеќето услови за работа и е поделен во однос на можноста од нивно значајно подобрување во блиска иднина“, посочуваат од „Реактор – Истражување во акција“.
Почетокот на презентацијата на резултатите од истражувањето е најавен во 12 часот.