Во сабота (27 декември) во 20 часот во кафе барот Дамар ќе се одржи годишна презентација на проектот Креативен викенд.
По презентациите во Белград, Париз и Уден, а пред презентацијата во Берлин и Мадрид, ќе се одржи годишната презентација на четвртата сезона „Креативни викенди“ кои се одржуваат во селото Лазарополе, чија примарна цел е вмрежување на македонските културни и уметнички сцени.
На самиот настан координаторите на проектот Јован Ламбески и Тони Димитров ќе го објаснат концептот на проектот „Креативен викенд“, а покрај презентација на минатите изданија на проектот и претставување на идеите за следните работилници, публиката ќе има прилика да погледне и фотографии, цртежи, видеа, слики, да чуе поезија, кои произлегоа како резултат на претходните изданија на креативните викенди, воедно и да се запознае со тоа како поминаа презентациите на проектот во Белград, Париз и Уден.
По проектниот, вечерта ќе продолжи со музички дел, каде својата музика ќе ја претстават Мартчин, Балтроник, Мартин и Тони Димитров.
Проектот Креативен викенд е серијал работилници наменет за локални артисти и млади креативци или уметници, поети или книжевници, звучни уметници или уживатели на визуелното, дизајнери или цртачи, скулптори или вљубеници во изведувачките уметности, теоретичари или едноставно консументи на креативните резултати, кои се заинтересирани за креативноста, уметноста, активизмот и природата. Проектот се одржува во текот на еден викенд, секој месец, во селото Лазарополе, веќе две години наназад и веќе ја започнува својата трета сезона.
Работилниците се состојат од работни сесии кои вклучуваат краток вовед преку кратки предавања, презентации, дискусии и работни задачи, со кој учесниците прво имаат можност теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на работа, а потоа и преку практична работа, преку поединечни и групни настапи и сесии на отворен простор и во природа, низ текот на работилницата и практично се запознаваат со концептот на секоја тема/уметност одделно.
Целта на овие работилници е низ современи методи на работа учесниците да имаат можност да се запознаат со најновите текови и достигнувања во соодветната област на обработка, како чекор кон креирање на поцврста уметничка заедница која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина. Резултатите од секоја работилница се архивираат, а потоа се претставуваат на јавноста преку соодветна презентација/концерт/изложба во јавен простор. Проектот е куриран и координиран од Тони Димитров и Јован Ламбевски.