Во четврток (26 септември) од 17:00 часот, во продавницата за друштвени игри Гоблин за првпат ќе се одржи презентација на играта „Warhammer 40.000“. Долгогодишни и нови колекционери на минијатури ќе ги презентираат своите човечиња, орки, ангели, демони, како и други изработки поврзани со играта (терени и објекти) притоа презентирајќи ја и самата игра. Овој настан е отворен за сите што сакаат да се запознаат со светот на „Warhammer 40.000“ и играта која е сместена во него.
Се работи за воена игра со минијатури произведена во Games Workshop во 1987 од Rick Priestley и е една од најпознатите игри од овој жанр. Дејството е сместено во 40-тиот милениум, во дистописка иднина каде човештвото е опседнато од сите страни на универзумот од вонземјани и силите на хаосот.
Луѓето кои навлегуваат во огромниот универзум на далечната иднина имаат избор помеѓу повеќе игриви раси и фракции, вклучувaјќи ги “Imperium of Man”, децентрализирана, а сепак тоталитаристичка меѓузвездена империја на човештвото што така опстојува илјадници години; “Orks”, воена раса на вонземјани – целта на нивното постоење е константното војување; “Eldar”, античка раса во изумирање, која функционира најчесто во сенките и ги манипулира другите раси за нивна бенефиција; “Chaos Daemons”, суштества кои живеат во димензија која се состои од чиста енергија наречена “The Warp”, создадени од Божествата на хаосот со една намена: ширење хаос низ универзумот; и многу други еднакво уникатни раси.
Играчите и колекционерите кои се бават со ова хоби времето го посветуваат на составувување и боење на индивидуални (28мм) минијатурни фигури кои ги репрезентираат воините, суштествата и воените возила на разните цивилизации во универзумот. Истите минијатури во играта се групираат во воени единици, кои подоцна заедно прават армја која може да се бори против армиите на другите играчи.
На почетокот на секоја игра двајца играчи ја одредуваат големината на војската која ќе користат, се одредува воено сценарио по кое ќе се води битката (кое може да биде од борба за ѕоа кој повеќе жртви ќе нанесе на противничката армија, па се до завземање и држење на цели на бојното поле). Следен голем чекор пред почнување на самата игра е создавањето на бојното поле. На маса (големината варира зависно од играчите, но стандардната големина е 180 цм на 120 цм) се поставуваат терени од секаков тип (ридови, згради, антички рушевини, шуми итн.), најчесто направени од самите играчи од разни материјали. По ова играчите одредуваат кој ќе почне прв.
Играта се одвива во 5 до 7 кругови, со тоа што разните исходи на бојното поле се детерминираат со помош на коцки. Сите овие движења, пукања и напади се координирани од играчот на армијата, кој игра според официјалните правила на Warhammer 40k издадени од Games Workshop.
Сепак, покрај натпреварувачкиот дел на играта, Warhammer 40k носи со себе голема повеќедимензионална забава, и при играње, но и при склопување и боење на самите модели и изработка на макети да се вдахне живот во бојното поле. Warhammer 40k поттикнува креативноста во луѓето кои навлегуваат во истата, прераснувајќи во еден вид на хоби.