Граѓаните добиваат увид кои компании и претпријатија имаат дозволи да ги користат и да испуштаат во водите или да ископуваат песок, чакал и камен од реките и езерата. Надлежните органи, пак, ќе можат полесно да ги следат и санкционираат оние кои не постапуваат според дозволите и да ја спречат деградацијата на водите. За пореална слика на состојбите со водните ресурси, се стандардизира и мониторингот врз квалитетот и квантитетот на површинските и подземните води.
Ова се овозможува со дигиталната платформа за Водната книга, база на податоци за управување со водите, и со Методологијата за мониторинг на водните тела, кои за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) беа изработени во рамките на кампањата „Разбистри сè“.
„Дигиталната водна книга ги содржи информациите за издадените дозволи и концесии од Секторот за водите при МЖСПП. Таа обезбедува континуирано да се одржува информативниот систем за дозволите и нивно следење, а за граѓаните и инспекциските органи овозможува слободен пристап до информациите од системот, без посебни барања и постапки. Податоците од Водната книга треба да придонесат да се има увид на влијанијата врз водите, да се утврди потеклото на загадувањето и да се оцени дали оптоварувањето врз водните ресурси се врши во согласност со дозволите“, велат од Алијансата „Разбистри сè“.
На денешната презентација, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кажа дека дигиталната платформа ќе придонесе за транспарентност на податоците од Водната книга.
„Јавноста има право за пристап до податоците од животната средина и да знае за начинот и условите на користење на водните ресурси. Преку оваа дигитална платформа, ќе се овозможи сите релевантни податоци од Водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни“, изјави Нуредини.
За систематско следење на состојбата на површинските и подземните води, денеска беше презентирана и стандардизираната методологија за мониторинг донесена од МЖСПП. Правилникот за методологијата го пропишува начинот на мониторингот и оценката за еколошкиот и хемискиот статус и квантитетот на водите.
Методологијата за мониторинг на водите беше подготвена од професори од Институтот за биологија при ПМФ – Скопје и експерти од УХМР и Хидробиолошкиот завод – Охрид.
„Следењето, оценувањето и класифицирањето на квалитетот на водата е од витално значење за човештвото и е директно поврзан не само со човековата благосостојба, наводнувањето и исхраната, туку и со опстанокот на различни живи организми кои придонесуваат за еколошката рамнотежа на планетата Земја“, рече професорката Рената Ќуштеревска, раководителка на Институтот за биологија при ПМФ – Скопје.
Настанот се организираше по повод Светскиот ден на водата – 22 март, кој оваа година се одбележува под мотото „Подземни води – правење на невидливото видливо“.
Кампањата „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) и е поддржана од Британската амбасада во Скопје.