Хирург од Франција доби тужба откако сакал да продаде рендгентска снимка од повредите на еден од своите пациенти како дигитално уметничко дело без негова дозвола.
Ортопедот Емануел Масмеџан ја ставил на аукција како уникатен дигитален токен (НФТ) снимката на жена која била погодена од куршум од Калашников. Во описот е наведено дека пациентката била ранета за време на терористичкиот напад на театарот Батаклан во 2015 година во Париз, кога 130 луѓе загинаа.
Рендгенската снимка била огласена на еден од популарните сајтови за продажба на НФТ-а и се продавала за 2.446 евра.
Адвокатот на жената, чија снимка била ставена на продажба, вели дека таа била шокирана кога дознала што направил докторот.
Нападот на популарната концертна сала Батаклан беше извршен на 13 ноември 2015 година. Стануваше збор за еден од серијата координирани напади на група екстремисти од Исламистичката држава во кој загинаа 130 луѓе во театарот и на неколку други локации низ главниот град на Франција.
Запрашан за коментар, докторот Масмеџан изјавил дека продажбата била грешка и дека жали што претходно не побарал дозвола од пациентот.
НФТ-ата се уникатни дигитални колекционерски дела кои не можат да се дуплираат. Токенот, на некој начин, служи како сертификат со кој се потврдува сопственоста на делото.
Критичарите спорат дека дигиталните токени немаат вистинска вредност и дека се предмет на раширени измами во индустријата која се` уште не е регулирана – како на пример создавање НФТ од уметнички дела кои продавачот всушност не ги поседува.