Преживеаните од Холокаустот ја осудуваат споредбата на мерките за Ковид-19 со страдањата на Евреите

Преживеаните од Холокаустот ја осудија постојаната споредба на мерките преземени за ограничување на пандемијата на коронавирусот со страдањата на еврејскиот народ за време на Холокаустот, пренесува германската новинска агенција „ДПА“.

Во извештајот објавен во четвртокот, Движењето за борба против анти-семитизмот (ЦАМ) го документира растечкото онлајн банализирање на Холокаустот во последните две години, идентификувајќи над 60 милиони коментари кои ги поврзуваат мерките преземени за борба против пандемијата со терминологијата на Холокаустот.

„Често поттикнати од политичарите, демонстранти маршираат низ улиците на нивните градови каде на нив носат жолти Давидови ѕвезди“, стои во извештајот.

Политичари во Европа, САД, па дури и Израел ги споредија ограничувањата за коронавирусот со нацистичките злосторства против Евреите, нешто што им оди во прилог на негаторите на Холокаустот, смета претседателот на КАМ, Саша Ројтман Дратва. Тој ги повика креаторите на политики и интернет гигантите „сериозно да го сфатат овој алармантен тренд“.

„Банализирањето на злосторствата на нацистичка Германија против човештвото ги поттикнува негаторите на Холокаустот кои се обидуваат да ги минимизираат нацистичките престапи и дозволувајќи му неконтролирано да цвета, создаде безбедни простори за антисемитските заговори, целосно негирање на Холокаустот и на други екстремистички идеологии да се шират“, рече Ројтман Дратва.

За студијата беа испитани објави на социјалните мрежи, веб-страниците за вести и разни други форуми на англиски, шпански, француски, италијански, арапски и хебрејски јазик. Огромното мнозинство од споредбите, околу 57 милиони беа напишани на англиски, а 2.6 милиони објави на хебрејски јазик.