„Податоците што ги обезбедивме преку центрите за социјална работа, преку Заводот за социјални дејности, од интервјуата со самите родители, децата згрижени во дневните центри за деца во социјален ризик, деца на улица, укажуваат на тоа дека сѐ уште причините за појавата на деца на улица не се сфаќаат сериозно“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник од канцеларијата на Народниот правобранител.
Таа беше дел од настанот на тема „Растењето на децата во здрава семејна средина, со квалитетна родителска грижа – клучен сегмент за ефикасно решавање на негативната појава – деца на улица и питачењето“ на кој беа презентирани податоците од истражувањето за состојбата со децата на улица, известува Дојче Веле.
Настанот што се одржа по Меѓународниот ден на децата на улица во Центарот за дневен престој за деца во ризик „Патека на надеж“, каде Бајрамовска-Мустафа нагласи дека најголемиот број деца кои што питачат се припадници на ромската заедница, потекнуваат од семејства што живеат во крајно лоши услови на живеење, во супстандардни услови за живеење, без вода, без електрична енергија, без никакви можности за нормален раст и развој.
„Родителите се со многу ниско, ако не и без никакво образование, без работа и единствено егзистираат или преку питачење или евентуално преку обезбедување на право на социјална заштита“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Една од дадените препораки на настанот за решавање на овој проблем е подобрувањето на тешката социо-економска состојба во која живеат семејствата.
Ваквата состојба алармира на многу посериозен начин на посветување за решавање на проблемот со деца на улица имајќи предвид дека еден дел од овие деца се неевидентирани во матичната книга на родени, што ги прави уште повеќе социјално ранливи.
Според надлежните, најсоодветно решение е да може да се работи со овие деца и со родителите подеднакво.
„Тешката социо-економска состојба во која што живеат овие семејства е една од причините поради кои тие често излегуваат на улица. Затоа една од нашите препораки од истражувањето е да се обезбеди постојан приход на овие семејства затоа што егзистенција со социјална помош очигледно не ги дава потребните резултати. Да се обезбеди, ако ништо друго, вработување на овие лица, да се едуцираат, да се овозможи нивна преквалификација доколку е потребно“, сугерира Бајрамовска.
Инаку, не може да се утврди точната бројка за децата на улиците низ Скопје и другите македонски градови, бидејќи надлежните институции располагаат со различни податоци. Во државата има три дневни центри за згрижување на деца на улица, една во Кисела Вода и две во Шуто Оризари и капацитетите се преполни, но бројката на деца кои и понатаму се злоупотребуваат од страна на постарите за просење, миење возила или продавање ситни производи е многу поголема.
„По правилникот на центрите бројката е ограничена до 24 деца, што значи дека во просек максималниот број не е повеќе од 70-80 деца кои се згрижуваат, но оваа бројка не е реална“, додава државната советничка.
Според неа, бројката која ја гледаме секојдневно низ улиците, особено во попладневните часови, покажува дека ситуацијата е многу посериозна, поради што е неопходно да се води системско следење на бројот.
Дополнително, истражувањата на Здружението „Градиме иднина“ во 2022 година покажа дека 4.000 деца во земјава се под ведро небо, 18.700 не се во училишните клупи, а 1.500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви.
„Ова е аларм дека навистина многу посериозно треба да се зафатиме со решавање на проблемот деца на улица, деца во социјален ризик“, поентира Бајрамовска.