Македонско еколошко друштво и Платформата на организации „Пријателите на Шара“ ја поздравуваат одлуката на Владата за прифатливост на иницијативата за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – Национален парк, нарекувајќи ја „историски исчекор“.
„Како организации што повеќе од две декади работат и делуваат на Шар Планина сметаме дека ова е историски напредок на процесот којшто официјално на институционално ниво беше започнат во далечната 1997 година, кога беше изготвен предлог Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк“, наведуваат тие.
МЕД ја истражува биолошката разновидност на Шар Планина од 1998 година па до денес и како организација неа вклучени во изготвување на повеќе клучни документи за природните вредности на Шар Планина како и за прекугранична заштита на ова значајно подрачје. Платформата „Пријатели на Шара“, како неформална група на невладини организации од Скопје и полошкиот регион, беше формирана во 2015 година за лобирање Шар Планина да стане национален парк.
Тие потсетуваат дека „Пријателите на Шара“ во 2015 година направија истражување коешто покажа дека 83% од локалното население во сите шест општини долж Шара сака планината да биде прогласена за заштитено подрачје.
„Во следните месеци треба да се води транспарентен процес со вклучување на сите засегнати страни на јавните трибини како и отворен пристап за надминување на евентуални недоразбирања меѓу различните сектори. Со прогласувањето на НП Шар Планина ќе се формира едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа со што ќе се приближиме до остварување на државните стратешки определби за зачувување на нашето природно наследство. Тоа ќе придонесе за поефикасна заштита на биолошката разновидност и природата, а ќе се отворат можности за одржлив социо-економски развој на подрачјето и локалните заедници“, додаваат МЕД и „Пријателите на Шара“.
Министерството за животна средина и просторно планирање денес ја објави и Студијата за валоризација на Шар Планина, која е достапна на следниов ЛИНК.
Пред нецел месец на Шар Планина од косовска страна за прв пат по долги години беше фотографиран балкански рис што уште еднаш го актуелизираше прашањето за заштита на планината и од македонска страна.
Радио МОФ во периодов работи на поголемо истражување за балканскиот рис и заштитените подрачја од регионов. Првиот дел од истражувањето можете да го прочитате на линкот во продолжение:
По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави