„Иако знаеме дека шумите ја играат главната улога во борбата со глобалното затоплување дејствувајќи како резервоари за јаглерод, она што помалку го знаеме е како малите организми и структури скриени во шумите помагаат да се намалат нашите штетни емисии на стакленички гасови“, пишува во есејот на Зара Хусан, наградената млада научна авторка од страна на Британската асоцијација на научни автори за 2022 година, пренесува „Би-Би-Си“.
Дрвјата во шумите го апсорбираат јаглеродниот диоксид од атмосферата преку вршењето на фотосинтеза во нивните листови што се овозможува преку сончевата светлина, го конвертираат диоксидот во кислород и создаваат шеќер. Како што расте дрвото, јаглеродот станува дел од неговата дрвена „биомаса“.
Дрвјата не работат сами, туку соработуваат со огромна заедница габи. Студија направена во 2016 од истражувачи од Кралскиот колеџ – Лондон откри еден посебен вид – ектомикоризални габи – што им овозможува на одредени дрвја да впиваат јаглерод диоксид побрзо, со што и растат побрзо од останатите. Ова е познато како „ефект на оплодување на CO2“.
Овие габи живеат во корените на дрвото и имаат симбиотична врска со него. Тие му овозможуваат да впие повеќе вода, јаглерод и други минерали, додека дрвото за возврат преку фотосинтеза им обезбедува храна.
Како што пишува Зара, познато е дека ектомикоризалните габи исто така го забавуваат процесот на гниење, со помош на разградувањето тие го ослободуваат целиот „заглавен“ јаглерод во атмосферата, по што се посочува дека имаат две улоги во борбата против глобалното затоплување.
Засадување на почвата со овие „пријателски габи“ е ветувачка технологија за одржливо одгледување на растенијата во иднина. Користењето на овие габи може да биде и одржлива алтернатива за хемиските ѓубрива, што кога се користат ги загадуваат околните блиски извори на вода.
Сепак имплементирањето на биоѓубривата како замена за хемиските е скапо и владите во некои земји обезбедуваат поддршка за земјоделците што одлучиле да се занимаваат со одржливо земјоделство.
Научниците стравуваат дека овие габи се во опасност поради масовното уништување на шумите кога со сечата се искоренуваат габите заедно со нивните дрвја домаќини. Од тие причини, неодамна проект предводен од Друштвото за заштита на подземните мрежи започна истражување што ќе ги мапира овие подземни мрежи на габи со цел да се продлабочи знаењето на нивната суштинска улога што ќе помогне во борбата со климатските промени.