Приказната за „Човекот-делфин“ ќе се прикажува во Скопје, Охрид и Струга

„А сега замисли си дека си делфин и дека живееш слободно според своите потреби. Во секој од нас спие по еден делфин“, вели Жак Мајол, човекот кој ги помести границите на човечкото тело и ум, но не заради рекордите, ами заради слободата што се раѓа во длабокото, каде што синото повеќе не е сино, каде што небото и чувствата стануваат сеќавања, каде што тишината е потполна, а времето не постои.

Вака креативците од „Македокс“ го најавуваат прикажувањето на документарецот „Човекот-делфин“. Приказната за францускиот делфин ќе биде раскажана три пати – на 2 ноември  во Кино Култура во Скопје, потоа на 3 ноември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а на крајот и во Спомен куќа „Браќа Миладиновци“ во Струга во соработка со „Дримон фестивал“. Сите проекции почнуваат од 20 часот.

Како што велат од „Македокс“, се работи за воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ќе ја достигне длабочината од 100 метри со слободно нуркање.

„Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за ‘Големото синило’ на Лик Бесон. Кој би рекол дека оддалечувањето од површината, каде што сè ни е познато, значи доближување до себеси и до морето од каде што сме излегле? Кој би рекол дека спокој е можен кога кислородот ни е ограничен? Кој би рекол дека задржувањето на здивот може да ни ги наполни градите со слобода?“, соопштуваат од „Македокс“.