НАСА ги објави првичните сознанија од примерокот добиен од астероидот Бену, кој може да служи како временска капсула од првите денови на нашиот Соларен Систем.
Карпите и прашината содржат вода и големо количество јаглерод, потврди администраторот на Американската вселенска администрација НАСА, Бил Нелсон, што покажува дека астероидите можеби ги доставиле клучните елементи за животот на Земјата.
Примерокот содржи речиси 5% јаглерод според тежината, што претставува една од најголемите концентрации на јаглерод досега забележани кај астероид, вели д-р Џејсон Дворкин, научникот на проектот Озирис-Рекс.
„Ова далеку ја надминува нашата цел од 60 грама и станува збор за најголем примерок од астероид кој е богат со јаглерод досега собран на Земјата. Молекулите на јаглерод и вода се токму материјалите кои сакавме да ги најдеме. Тие се клучни елементи во формирањето на нашата планета. Тие ќе ни помогнат да го утврдиме потеклото на елементите кои веројатно воделе до живот“, објаснува Дворкин, пренесува Си-Ен-Ен.
Примерокот, кој беше собран од астероидот Бену во октомври 2020 година од мисијата Озирис-Рекс на НАСА, пристигна на Земјата во капсула на 24 септември.
Изминативе две недели научниците го истражуваа материјалот за првичните анализи. Користејќи инфрацрвени мерења, хемиска анализа и рендген скенирање тие го откриле „научното богатство“ на јаглерод и вода во астероидот стар 4,5 милијарди години. Првичните анализи покажале дека примероците имаат големо количество вода во форма на хидрирани глинени минерали.
„На тој начин мислиме дека водата е дојдена на Земјата. Причината поради која Земјата е свет кој поддржува живот, поради која имаме океани, езера, реки и дожд, е бидејќи овие глинени минерали слетале на земјата пред 4 до 4,5 милијарди години и го направиле нашиот свет поволен за живот. Ние гледаме начин на кој водата биле инкорпорирана во цврст материјал“, објаснува Данте Лорета, водечкиот научник кој ги спроведува анализите.
Тој додава дека истражувањата откриле и минерали сулфиди, кои се клучен елемент за планетарната еволуција и биологијата, минерали на железен оксид наречен магнетит, кој реагира на магнетните полиња, како и други минерали кои можеби се важни за органската еволуција.
Научниот тим е возбуден од откритијата на органска материја и големото присуство на јаглерод, кој е главен елемент за целиот живот, објаснува д-р Даниел Главин, кој анализира примероци од мисијата Озирис-Рекс.
„Ние сме на самиот почеток, но го одбравме вистинскиот астероид. И не само тоа, туку го зедовме и вистинскиот примерок. Овие нешта се астробиолошки сон“, додава Главин.
Во следниот период научниците ќе истражуваат како хемијата еволуирала на астероидот Бену. Дел од мисијата предвидува примероците да се складираат и за идните генерации, кои ќе можат да ги анализираат примероците од астероидот со технологии и инструменти кои уште не постојат во денешно време.