„Правата на студентите и подигање на свеста за нив ми се приоритет“, вели новата студентска правобранителка на УКИМ

Почитување на студентските права востановени во Законот за високо образование, како и подигање на свеста за нив, се приоритетите на новата студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Теа Мицевска.

Во разговор за Радио МОФ, вели дека не може да се очекува од студентите да поднесуваат барања за заштита на правата доколку пред се, не се информирани кои се тие права и во кои ситуации се повредени или загрозени.

„За жал, апатијата е проблем којшто е особено распространет, меѓутоа активно ќе работиме на нејзино елиминирање преку проекти и дискусии. Следно, совесно, непристрасно, ефикасно и одговорно постапување се услови без коишто не можам да ја вршам мојата функција, па така овие принципи се вбројуваат во моите врвни приоритети. Понатаму, од огромно значење е транспарентноста, па така целата работа на СП ќе и биде достапна на јавноста преку објавување на месечни извештаи. Исто така, во рамките на моите надлежности, постојано ќе се трудам да се укажува на пропустите во образовниот систем и истовремено да се работи на истите“, објаснува Мицевска.

Функцијата која таа наскоро ќе започне да ја извршува, како што посочува, е функција која допрва треба да се актуелизира, за да се оствари основната цел, односно, заштита на правата на студентите.

Овој процес, според неа, би се реализирал со заемна соработка помеѓу правобранителот и студентите, пред се преку едукација за правата, отворање јавни дискусии, но и навремено реагирање на студентите при прекршување на некое нивно право.

„Во тек е изработка на важен проект за заштита од дискриминација, со цел студентите да се информираат кои се нивните права за да можат да поднесат барање кога истите тие права се прекршени“, вели правобранителката.

Секојдневните проблеми на студентите генерално се поврзани со административните лавиринти на факултетите, смета новата студентска правобранителка, која вели дека поради пандемијата, во изминативе месеци, студентите неспорно се соочиле со нови проблеми, од аспект на одржување на наставата и полагање на предметите. За да се решат проблемите, Мицевска посочува дека е неопходно прво да се запознаат со нив.

„Во таа насока, во престојниот период ќе спроведеме анкета на студентите за проблемите со кои се соочуваат и во согласност со правните прописи ќе постапувам по истите. Секако, соработката со студентите е од особено значење, па секое нивно сигнализирање е добредојдено“, најавува таа.

Студентскиот правобранител, во рамките на неговите надлежности, може да ги разгледува поднесените барања, а доколку се утврди повреда на некое од правата, тој донесува одлука за поведување на постапка.

„На кратко, функцијата на студентскиот правобранител се исцрпува со три алтернативни постапувања, прво, може да даде препорака за отстранување на констатираните повреди, второ, може да преземе иницијатива за поведување одговорност на одговорното лице и трето, може да побара постапување од други надлежни државни органи. Оттука, во никој случај не треба да се сфати дека СП може да го присили Универзитетот или некој друг член на академската заедница на определено дејствување, впрочем, тоа воопшто и не е замислата на оваа позиција. Но, СП служи како кочница при повреда на правата на студентите и рамнотежа меѓу двете страни“, посочува Мицевска.

До редакцијата на Радио МОФ, деновиве пристигнаа неколку пораки од студенти кои посочуваа на одредени проблеми кои сметаат дека треба да се решат. Тие ги наведоа проблемите со казнената сесија на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, чекањето на студентски прашања, но и неефиканоста на онлајн наставата.

Правобранителката, во однос на ова прашање, посочи дека единствено може да постапува кога до неа е поднесено уредно барање, кое вели дека ќе биде разгледано, и кое ќе се констатира дали е направена повреда на некое право.

Според Правилникот за условите и постапката за избор и разрешување, надлежноста и работата на студентскиот правобранител и на замениците студентски правобранители на УКИМ, на ниво на Универзитетот треба да биде поставен еден студентски правобранител, но, и по еден правобранител на ниво на секој од факултетите.

„На некои од факултетите веќе се избрани студентски правобранители, но интересот е мал и нема респонзивност од страна на студентите. Ова е прашање на коешто ќе посветиме особено внимание, со цел да биде поефикасна целокупната работа на СП, бидејќи со развивање на ваква мрежа многу полесно ќе се детектираат проблемите и ќе може навремено да се реагира“, посочува Мицевска.

Мотивот пак, за нејзината кандидатура биле предизвиците со кои се соочуваат студентите. Како што вели таа, образовниот процес е иманентен фактор за создавање на критички мислители кои во иднина ќе влијаат на прогресот во државата, па оттука, објаснува дека, како студенти треба постојано да се трудат за надоградување на образовниот систем.

„Според мене, токму незадоволството кое честопати го чувствуваме може да биде причина за создавање на позитивни промени“, децидна е Мицевска.

Студентите може да ја контактираат правобранителката преку електронската пошта pravobranitel.ukim@gmail.com. Што се однесува пак на пријавите и претставките кои може да ги поднесат до неа, тоа може да го направат исто преку електронската пошта со писмено барање, во материјална форма до нејзиното седиште, но, во иднина и преку службениот телефон.

„Тоа барање треба да ги содржи личните податоци на подносителот, неговиот потпис, како и околностите, фактите и доказите на кои се темели тоа барање со цел да се создаде целосна слика за ситуацијата и да се утврди дали стнува збор за повреда на правото на студентот. Најголема тежина носи процесот на докажување, затоа од особено значење е да се приложат сите релевантни докази. Потоа, СП одлучува дали ќе поведе постапка, при што, доколку утврди дека е повредено правото на студентот, пристапува кон составување на извештај за констатираната состојба и соодветно, давање на препорака, покренување иницијатива за одговрност или пак, го упатува студентот до надлежниот орган“, објаснува Мицевска.

Таа на студентите им порачува дека треба заеднички да се работи и да бидат критички мислители кои ќе укажуваат на неправилностите и неправдите, бидејќи, како што вели, развојот на општата способност за расудување и размислување мора да е на прво место.

„На тој начин ќе влијаеме на прогресот на образовниот ситем, но и на целокупниот прогрес на нашата држава. Особено важно е да бидеме свесни и информирани за нашите права. Неуспехот никогаш нема да не следи ако нашата решителност за успех е многу цврста“, подвлекува Мицевска.

Теа Мицевска е новата студентска правобранителка на УКИМ

М.К.