Приштина прогласи вонредна ситуација поради отпадот

Градоначалникот на Приштина Перпарим Рама прогласи вонредна состојба во однос на управувањето со отпадот во главниот град, јавува Радио Слободна Европа.

Тој денеска на прес-конференција рече дека регионалната јавна фирма „Пастрими“, која во моментов е единствената компанија која се занимава со собирање отпад во Приштина, не се покажала како ефикасна во оваа задача.

„Ќе продолжиме со вонредна состојба што ја прогласивме, да ангажираме приватни компании за да помогнат во правилното чистење на главниот град“, рече Рама.

Во текот на минатата година, општината исто така прогласи вонредна состојба и привремено ангажираше дополнителни приватни фирми за собирање отпад во главниот град.

Но, според Рама, долгорочното решение го спречиле опозициските советници во општината со усвојување на уредбата со која на „фирмата ‘Пастрими’ и се дало ексклузивно право да ја дава оваа услуга.

Исто така, лани работници на компанијата „Пастрими“ се жалеа и протестираа пред општината поради ангажирање приватни фирми бидејќи, според нив, тоа претставувало ризик нивната фирма да банкротира.

Компанијата „Пастрими“ е локално јавно претпријатие со околу 900 вработени кое обезбедува услуги за собирање отпад за повеќе градови во Косово, вклучително и Приштина.