На граничниот премин „Табановце“ попладнево пристигна и втората пратка со вакцини, односно, 3.510 дози вакцини против Ковид-19 од компанијата „Фајзер“ кои Србија ги подари на Северна Македонија.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар на денешната прес-конференција посочи дека му е драго што денеска го спроведуваат договорот кој бил направен помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев.
„Денеска стигна тоа што го ветивме, а тоа е дека денеска донесовме 3.510 дози вакцини за граѓаните на Северна Македонија, што вкупно е 8.190 дози. Навистина ми е драго што имавме прилика да им помогнеме на нашите комшии, нашите пријатели. И сега министерот ми кажа дека вакцинацијата започнала, дека луѓето се вакцинираат, дека ќе продолжите понатаму, тоа е она што и ние го сакаме, и вие да бидете безбедни, вашите граѓани што помалку да заболуваат, а кога вие имате подобра ситуација, ќе имаме и сите ние во регионот. Тоа е нашата цел, ќе гледаме и понатаму да помагаме, ова е поздрав од сите граѓани на Србија, од претседателот Вучиќ“, рече Лончар.
Министерот за здравство на Северна Македонија пак, Венко Филипче посочи дека благодарение на вакцините окои Србија ги подари на земјава, почнал процесот на имунизација на здравствени, односно, дека досега процесот се одвива одлично и дека се вакцинирани околу 1.300 здравствени работници.
„Со динамика помеѓу 250-300 на ден здравствени работници продолжуваме и понатаму. Оваа количина на вакцини ќе биде доволна да се вакцинираат сите здравствени работници во нашата земја кои што се во приоритетната група, категорија за имунизација, а тоа се оние здравствени работници кои од почетокот на кризата работат со пациенти заболени од ковид. Уште еднаш голема благодарност до министерот Лончар, до целата српска влада, српскиот народ за овој навистина убав чин на пријателство и добрососедство“, рече Филипче.
Инаку, на 14 февруари стигна првата пратка, односно пакет од 4.680 вакцини од Србија.
Стигна првата тура со вакцини од Србија, од среда почнува вакцинацијата на здравствените работници