18. издание на Скопски филмски фестивал свечено ќе биде отворено во петок (17 април) со светската премиера на филмот „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков.
Вo осумте богати фестивалски денови, до 24 април, публиката на СФФ ќе има можност да види над 60 филмови од најновата продукција на светската, европската и македонската кинематографија.
Скопскиот филмски фестивал, годинава ќе има специјални гости.
И на годинашново издание, фестивалската селекција на филмови е поделена во неколку програми, освен Главната, тука се: програмата на Светски филм, на Авторски филм, програмата на Документарни филмови, на Кратки филмови, како и програмата на Аниминирани филмови.
Новина на годинашново издание на СФФ е програмата на хорор филмови „Повеќе од хорор“, во која ќе бидат прикажани четири филмови.
Меѓу другите впечатливи остварувања, годинава, скопските филмофили ќе можат да го видат победникот на последниот Берлински филмски фестивал, филмот „Такси“, на славниот ирански режисер Џафар Панахи. Тука е и добитникот на Оскар за најдобар документарен филм за 2014 година, „Граѓанинот четири“.
Фестивалската публика ќе има можност да го види и филмот „Забранета соба“ (2015) на режисерот Гај Мадин, кој претставува фасцинантен филмски експеримент.
Младата македонска актерска ѕвезда, Наташа Петровиќ ќе ја видиме во една од улогите во премиерата на германско австралиската копродукција „Еликсир“, во режија на Броди Хигс.
Во програмата Aвторски филм, го прикажуваме најновото остварување на Франсоа Озон, миленикот на фестивалската публика „Новата пријателка“.
Освен квалитетни филмови, дел од програмата на СФФ се и неколку работилници и мастер класи.
СФФ ќе се одржува на добро познатите локации: во киното Милениум во ГТЦ и во Кинотека на Македонија.