Приватните специјализанти денеска пред Министерството за здравство побараа дефиниран работен статус и еднаков третман за сите приватни специјализанти, откако добиле информација дека дел од нив ќе бидат исклучени од земањето плата.
Од земањето специјализантска плата се изоставени 97 доктори на приватна специјализација кои биле дел од јануарскиот конкурс во 2018. Тие информираа дека веќе се сретнале со министерот за здравство, Венко Филипче, кој понудил дел да добиваат месечен надоместок од 26 000 денари, а останатиот дел од нив да бидат вработени во местото на раѓање. Но, скептични се дека најавеното ќе биде исполнето.
Како што велат, Министерството се уште не ги прецизирало условите за нивно вработување, нешто што за нив претставува животно прашање.
„Досега не можеа да се издвојат ниту 26 000 денари надоместок без придонеси, преку договор за дело за 97 доктори, а се нуди решение за вработување на истите тие приватни специјализанти кои имаат бруто плата многу поголема плата од 26 000 денари. Пари кои претставуваат дополнителен трошок за буџетот на државата во овој момент, иако се тврди дека пари во тој буџет нема. Тогаш од каде и за колку време ќе се обезбедат овие средства“, праша младиот специјализант Марко Костовски.
Тој во името на останатите негови колеги побара долгорочен план, но свесен дека тоа би одзело време, побара во меѓувреме да има еднаквост за сите приватни специјализанти.
На ова се надоврза и неговата колешка Елмедина Асани, која нагласи дека тие немаат ниту свои простории.
„За нас, докторите што сме на приватна специјализација, секој ден поминат во еден ваков недифиниран статус претставува една дополнителна фрустрација“, рече таа.
„Плата мора да има за сите приватни специјализанти и тоа во исто време, затоа што иако ние сме помлади, сепак и ние вршиме работа во нашите клиники. Би сакал да потенцирам дека оваа генерација што ја гледате денес сме доктори коишто на нашиот конкурс сме со просечна оценка девет“, посочи Асани.
На нивната прес-конференција се појави и министерот Филипче, кој откако ги ислуша, рече дека е на нивна страна, но дека ќе почекаат за долгорочно решение. Тој им вети дека во јуни овие специјализанти ќе ја добијат мајската плата.
„Нема да биде работата на специјализантите повеќе без пари. Ќе бидете платени како сите ваши колеги“, им вети Филипче на своите помлади колеги.
„Вие сте најкреативниот дел од нашето општество, вие мора да останете во оваа земја . Вие сте иднината и на нашето здравство и на нашата медицина“, нагласи тој.
Покрај ова, Филипче посочи дека се работи на план за вработување, но според вистинските потреби во центрите и клиниките низ државата.
„Имаме дефицит на доктори, ни фалат над 380 доктори во внатрешноста и 150 доктори за Скопје. Со оглед на тој дефицит ние не смееме да дозволиме ниту еден доктор да замине од земјата, треба да ги пружиме сите услови“, рече тој.
Досега праксата беше дека ако приватен специјализант се вработи во државната институција, таа ја презема специјализацијата. Според Филипче, во законот има чудни услови за огромни суми на казнени пенали доколку докторите се откажат од специјализацијата, за што рече дека законот се менува. Сепак, специјализантите не се во работната група за да имаат увид во тоа како министерството планира да ги менува условите.
Е.П.