Минатата академска 2022/2023 година на приватните високообразовни установи се запишале 67% повеќе студенти во прва година во споредба со академската 2021/2022 година, покажаа податоците на Државниот завод за статистика. Истовремено има мал пад (-2%) во бројот на запишани бруцоши во државните високообразовни институции.
Раст на бројот на бруцоши се забележува во 8 од вкупно 12 приватни универзитети во С. Македонија. Сепак овој генерален пораст најмногу се должи на Меѓународниот балкански универзитет, каде изминатава година се запишале 2.015 студенти во прва година, што е тројно повеќе од запишаните бруцоши пред две години.
Споредбата по години покажува и дека последнава академска година бројот на запишани бруцоши на приватните универзитети е највисок во последниве десет години.
Кај државните високообразовни институции има зголемување на бројот на бруцоши во четири од шесте универзитети. Најголем раст има кај Универзитетот „Мајка Тереза“, додека најголем пад има кај Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Бројот на студенти запишани во прва година на државните универзитети, во споредба со периодот пред 10 години, е намален за 37%.
Повеќе информации погледнете на инфографикот во продолжение:
Државниот завод за статистика објави и дека во академската 2022/2023 година се запишале вкупно 53.821 студент, што претставува зголемување за 4.2 % во однос на академската 2021/2022 година.
Поголем е бројот на запишани студентки – 30.969 или 57.5%. Најголем број студенти (77.7%) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22.3% се запишале на приватните високообразовни установи.
Даниел Евросимоски