Министерството за внатрешни работи соопшти дека синоќа е приведен 43- годишниот В.Д. кој како анестезиолог во Клиничката болница во Тетово преку „Тик-Ток“ снимал и објавувал лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош.
Од МВР информираа дека постапиле по пријава од страна на директорот на Болницата, а соопштија дека за случајот е известен јавен обвинител и по документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера од ТВ21 ја потврдија автентичноста на видеото каде анестезиологот во живо преку Тик Ток ги прикажувал пациентките во една од салите на гинеколошкото одделение.
Случајот не бил пријавен во полиција, но директорот на одделението, откако дознал за случајот, се упатил во Секторот за внатрешни работи за да го пријави.
Од Лекарската комора на Македонија го осудија случајот и најавија дека во најкус рок органите на Комората ќе се свикаат за разгледување на случајот и преземање активности и мерки.
„Со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба. Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“, стои во соопштението на Комората.
Според Законот за заштита на правата на пациентите почитување на приватноста е едно од главните начела на хуманост, а здравствената установа е должна да му овозможи на пациентот „услови што обезбедуваат приватност при прегледот, односно лекувањето, а особено при укажувањето на личната нега“.