Новинарот и основач на порталот „PortaliX“, Фуркан Салиу во текот на вчерашниот ден беше уапсен за време на фудбалски натпревар, поради како што велат од МВР, напад на службено лице. Салиу негира дека нападнал полициски службеник, а од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) побараа итно расчитување на случајот.
Како што информираат од Министерството за внтрашни работи, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи.
„Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот беше прекинат. За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати биле припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка“, велат од МВР.
Салиу доцна синоќа беше ослободен од полициската станица Автокоманда. Во своето видео обраќање пред станицата изјави дека сите видеа од моментот кога ситуацијата ескалирала се избришани. Тој уште еднаш изјави дека не е виновен и порача дека доколку делото се докаже ќе се извини и ќе се повлече од ТВ екраните.
„Полицајците почнаа да тепаат момче кое воопшто не учествуваше во тепачката, го ставија под кола да не се гледа и почнаа да го тепаат. Го извадив телефонот за да го документирам тоа, затоа што дечкото навистина ништо не направи. Ми го земаа телефонот, ме уапсија мене дека сум пружал отпор, сум нападнал полицаец, ве молам докажете го тоа. Викам во видеото, се слуша, бегај – новинар сум, снимам, 90 отсто од тие полицајци ме знаат“, изјави Салиу пред полициската станица.
Медиумските организации во својата реакција повикаа и да се почитуваат правата на колегата.
„Од ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања“, стои во нивната реакција.
Според техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски веднаш по приведувањето на новинарот, пребаран е и неговиот автомобил при што е пронајден пиштол.
Салиу тврди дека пиштолот пронајден во неговиот автомобил го поседува со дозвола.
„За време на моето апсење, телефонот и клучевите ми испаднаа од џебот и ги зеде снимателот. Без судски налог и без јас да бидам присутен како сопственик на автомобилот, беше претресен автомобилот од страна на специјалната единица. Делото за кое се товарам, напад врз полицаец, не држи вода и никогаш не може да се докаже“, изјави Салиу преку Фејсбук профилот на интернет-порталот „PortaliX“ и додаде дека иако можеби влијаел врз ескалацијата на целата ситуација, сепак не ја нападнал полицијата.
Симона Паскоска