Приведен управителот на „Мош“, од Влада велат дека вчера се спровеле над 100 инспекции

Синоќа бил приведен управителот на кафе-барот „Мош“ во центарот на Скопје поради сомнение дека сторил кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, информираа од Владата по јавните реакции викендов дека во овој угостителски објект се правеле забави без никакви почитувања на протоколите против коронавирусот.

„Денеска (04.10) околу 00:30 часот од страна на полициски службеници приведено е лицето М.Д. (41) од Скопје, кое е задржано во ПС Центар. Лицето е  приведено поради постоење основано сомнение дека, како одговорно лице, управител на ланч бар „Мош“ (улица „Дебарца“ во Скопје), сторил кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ. Лицето М.Д. не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија. Конкретно, организирал музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи“, соопштија од Владата.

Од Владата информираат и дека во петокот од полицијата му било укажано на управителот дека не ги почитува протоколите, а потоа од 21:00 до 23:00 часот повторно е извршена контрола на угостителскиот објект, при што се констатирани неправилности.

„Притоа, полициските службеници издадоа 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар. Воедно, во истиот угостителски објект, околу 22:30 часот од страна на полицијата повикани се и претставници на Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар и извршено било мерење на бучавата во локалот. Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина“, додаваат од Владата.

Оттаму информираат и дека Државниот пазарен инспекторат вчера спровел над 100 контроли низ целата држава. Кај 19 субјекти се изречени казни за непочитување на здравствените протоколи и други прекршоци во надлежност на ДПИ и 4 за непочитување на работно време.

„Конкретно, 7 субјекти организирале свадби во Струга (1), Тетово (2) и Скопје (4). Кај осум субјекти е констатирано непочитување на здравствените протоколи, односно во Струмица (2), Скопје (5) и Битола(1). За субјектите кои ги прекршиле здравствените протоколи и организирале свадби, ќе бидат поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство. Во текот на вчерашниот ден кај 4 субјекти, ДПИ констатирал пречекорување на работното време, односно во Скопје (2), Прилеп(1) и Битола (1). За овие субјекти ќе бидат изречени прекршочни пријави, ќе бидат издадени платни налози за парична казна и решение за затворање на објектите од 10 до 30 дена во зависност од пречекорувањето на работното време“, наведуваат од Владата.

Се организираат журки и свадби без протоколи додека државата бележи рекорди на новозаболени со Ковид-19