Привремениот третман на авганистанските граѓани во „Хотел Македонија“

„Ако некогаш дојдеш на Балканот врел, сакаш – нејќеш ќе пројдеш, низ овој наш мал хотел“ – овие стихови станаа реалност на 725 авганистански граѓани кои најдоа привремено засолниште во „Хотел Македонија“ на пат кон земјите кои може да им дадат можност за одново градење на својот живот.

Авганистанците дојдоа на привремен престој во земјава откако во летото 2021 година, Талибанците ја преземаа власта во Авганистан и оттаму се повлече и последниот американски воен авион.

Од Владата за Радио МОФ велат дека засега во земјава престојува 451 авганистански граѓанин за кои се ангажирани повеќе институции пружајќи ја сета потребна поддршка и помош.

„Упатувајќи се кон странски држави како нивно трајно одредиште, во изминатиот период во 20 помали или поголеми групи од земјава заминаа 274 цивили. Со ова земјава ја продолжува својата активна улога во рамки на светската хуманитарна акција за спас на цивилното население од Авганистан кое е во животна опасност од талибанскиот режим“, дополнуваат од Владата.

Но, колку е хуманитарна акцијата и како се третирани Авганистанците во земјава, раскажува Мерсиха Смаиловиќ, претставничка од невладината организација „Легис“, која нуди хуманитарна помош на мигранти и бегалци. Таа вели дека кога нашата држава соопштила дека ќе им помогне на авганистанските граѓани, навистина била горда.

„Но, како што почнаа истите да доаѓаат, забележавме дека самиот процес е премногу затворен и ограничен. Државата успеа преку безбедносните протоколи, целосно да го ограничи основното човеково право на овие граѓани, а тоа е слободата на движење“, посочува Смаиловиќ.

Таа истакнува дека со дел од авганистанските граѓани се знаела преку меѓународните мрежи од која е дел, а постојано била во контекст со лицата кои престојувале во земјата. Смаиловиќ посочува дека дел од нив биле борци за човекови права кои цел свој животен век го поминале борејќи се против традиционалните стеги кои владееле во нивното општество.

„Во Македонија беа среќни и задоволни што се на безбедно, што процесот на евакуација помина без сериозни проблеми за нив. Беа задоволни од односот на македонските граѓани со кои се сретнаа додека престојуваа тука. Но, како што изминуваа деновите, почна да ги облева силно чувство на депресија. Неможноста слободно да се движат целосно влијаеше на нивната психолошка состојба“, објаснува Смаиловиќ.

Таа продолжува велејќи дека децата имале импровизирани часови на едукација кои биле организирани од самата авганистанска заедница во хотелите, а при движењето низ градот со силно полициско обезбедување добиле чувство дека населението се плаши од нив и дека полицијата е таму за да спречи судири.

„Додека се допишувавме се обидував да им објаснам дека моето лично убедување е, дека забраната на движење е поради локалните избори кои беа тој период. Но, како деновите поминуваа и изборите завршија, немав повеќе изговори освен моето убедување за кое објаснив погоре. Јас не успеав да се видам со нив во живо. Не ми беше дозволена посета од страна на надлежните органи, кои велеа дека не се надлежни, ниту од организациите кои беа во хотелот за кој барав дозвола за влез“, вели Смаиловиќ, дополнувајќи дека сега нејзините контакти се во Шведска и Канада, каде што верува дека ќе се сретне со нив.

Од Владата пак, тврдат дека при привремениот престој на Авганистанците на територијата на Република Северна Македонија не им е ограничена слободата на движењето доколку немаат ограничувања од аспект на мерки против Ковид-19.

Од УНХЦР за Радио МОФ споделуваат дека досега ниеден од авганистанските државјани евакуирани тука нема побарано азил, иако кој било државјанин на трета земја може да аплицира за азил во кое било време.

Смаиловиќ нагласува дека Авганистанците, сместени во хотели познати на јавноста, биле видени само како во одредени периоди се движат во градот, со огромна полициска придружба, притоа додавајќи дека ниту осудените лица во земјава, при слободните денови не се движат со полициска придружба.

За неа, сосема се неприфатливи изговорите на властите, дека ваквото ограничување на слободата на движење е поради нивна безбедност.

„Од моето искуство во работата со бегалци и мигранти и односот на државата, сметам дека единствена причина поради која овие граѓани се затворени во хотелите е поради стравот дека со нивното слободно движење ќе се покрене лавина на ксенофобска реторика, која може да им наштети единствено на политичарите и нивните гласови на следните избори. Затоа сметам дека забраната за движење е единствено популистичка мерка, која е во линија на екстремни десничарски практики. Евакуираните авганистански граѓани во Косово и Албанија, се слободни за движење на целата територија на овие две држави“, вели таа.

Смаиловиќ продолжува нагласувајќи дека авганистанските граѓани имаат легален престој во државава односно тие се странци со виза, па нивното затворање е кршење на Уставот и на македонските закони. Таа јавно ги повикува надлежните институции во земјава, да ги покренат соодветните механизми за заштита.

„Согласно законот за странци, тие треба да се слободни и да немаат никакви забрани за движење“, децидна е таа.

Смаиловиќ заклучува дека властите мораат веднаш да ги олабават протоколите и да им дозволат на Авганистанците слободно да се движат и слободно да комуницираат со македонското население.

„Меѓу нив има прекрасни луѓе и експерти, со кои преку размена на искуства можеме да придобиеме вредни совети и мислења. Тие се добредојдени во нашата држава и да не дозволиме хуманиот чин на евакуација, да падне во сенка на ‘хотелскиот притвор’, смета таа.

Од УНХЦР потсетуваат дека не смее да се заборави на  милионите Авганистанци раселени од својата држава на кои им е потребна помош.

„Клучно е Авганистанците кои бараат безбедност да можат да ја добијат, вклучувајќи и преку државните граници. Исто така е клучно државите да не извршат присилно враќање на ниту еден авганистански државјанин“, додаваат оттаму.

 

Ивана Смилевска

***Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.